Вашата шема за заклучување на екранот не е така безбедна како што мислите

Норвешките експерти анализирале повеќе од 3000 примероци на шеми за заклучување на екранот. Повеќето од нив – предвидливи. Студијата потврдува дека и при одбирањето на „pattern” сме исто толку (не)креативни како и при одбирањето на безбедносен пин. Следуваат неколку статистики, но и совети како да ги усложните работите и да ја подобрите заштитата на вашиот смартфон.

Марте Логе, од Норвешката академија за наука и технологија, вели дека шемите што мнозинството ги користи во рацете на секој „натрапник“ би биле погодени без многу тешкотии. Во 77% од анализираните шеми, поврзувањето на точките почнувало од еден од четирите агли. Дури 44% од шемите за стартна позиција го имале горниот лев агол на екранот, што е најпредвидливо и огромно олеснување во обидот да се погоди точната шема.

Анализата покажува и дека корисниците најчесто користат само 5 точки од оние понудените, што во превод значи вкупно околу 7152 можни комбинации. Не се малку, ама кога ќе размислите колку луѓе имаат смартфони, сфаќате дека вашата и не е така уникатна. А ако сте предвидливи како и мнозинството, бројот на комбинации во игра значително опаѓа, а работата на хакерот станува прилично лесна. Од друга страна, кога корисниците би користеле 8 или 9 точки, бројот на можни комбинации би пораснал на 140.000 можни варијанти, нагласува Логе.

Па, како да се излезе од друштвото на предвидливите?
1. Користете што е можно повеќе точки
2. Не ја темелете шемата на некоја позната буква од абецедата
3. Не ја темелете шемата на некој познат облик
4. Не ја избирајте како почетна точка онаа во горниот лев агол

- Реклама -