Што всушност се случува кога на храната ќе ви слета мува?

Една неодамнешна анкета ги праша испитаниците: „Кога би биле во ресторан, која од следниве гадинки би ве натерала да ја фрлите вилушката: стаорец, бубашваба, мува, мравка или змија?“ Очекувано, 61% одговориле – бубашваба. Од друга страна, ако ги прашате научниците, тие без двоумење ќе одговорат – мува. Имено, мувите, особено оние домашните што се тешки за убивање, се двојно поопасни во поглед на пренесување на опасни вируси од сите други од наведените.

Реалноста е дека мувите јадат некои од најгрозните нешта што можете да ги замислите: измет, ѓубре, скапано месо, мртви животни. Уште еден грозен факт е дека мувите не можат да џвакаат, па за да јадат, плукаат ензими кои ја разградуваат нивната храна, за тие потоа да можат да ја „шмркнат“ т.е. „исркаат“.

Но, ензимската плунка не е вистинската причина што се толку заразни. Опасната причина се бактериите и вирусите кои се закачуваат на телата на мувите и така се шират, пренесувајќи ги болестите од кои се разболуваат луѓето. Доволно е само на една секунда да ја допрат вашата храна, за вирусите од малите влакненца на нивните нозе да се пренесат во вашата порција, и тоа зборуваме за сериозни вируси, како колера, дизентерија и тифус.

Успеавме да ве згадиме доволно со текстов? Искрено се надеваме дека е така, бидејќи избегнувањето на храната на која слетала мува е најдоброто решение.

- Реклама -