Како да ги соберете сите парчиња од скршеното стакло на подот?

Кога следниот пат ќе скршите чаша или друг стаклен предмет, не посегнувајте веднаш по правосмукалката.

Да, добрата правосмукалка може да е добро решение, но оние обичните, поефтините, не се создадени за да собирате стакло. Во одредени случаи, парчињата стакло можат да ја продупчат вреќата за прав и да излетаат со голема брзина од задниот отвор на правосмукалката, со можност да повредат некој што стои токму таму. Воопшто и да не зборуваме дека ризикувате да ве колнат комшиите ако ја користите ноќе, или дека ќе станете жива вода ако тоа го правите на овие летни горештини.

Затоа, подобар начин е да се послужите со парче леб. Најдобро ќе ви послужи оној купечкиот, за тост, исечен на тенки парчиња. Прејдете по подот со парчето леб, тапкајќи на местата каде што се наоѓаат стакленцата.

Пробајте и ќе се уверите дека методот е ефикасен, но притоа внимавајте лебот да не заврши во нечиј стомак откако ќе го фрлите во ѓубрето.

- Реклама -