Најдобриот кошаркар за кој никогаш не сте слушнале

Ако прашате просечен кошаркарски фан да ви каже кој е најдобриот кошаркар во историјата, веројатно ќе одговори Мајкл Џордан, или ако е од постарата генерација – кошаркарската легенда Карим Абдул-Џабар. Но, кога истото прашање му беше поставено токму на Карим Абдул-Џабар, тој рече: „Тоа би бил The Goat“ (превод: „Козата“). „The Goat“ е човекот што многу кошаркари и спортски новинари ќе го опишат како „најголемиот кошаркар што никогаш не играл во НБА“.

Бил роден во 1945-тата, во руралната средина на Чарслтон, Јужна Каролина. „Козата“, или помалку познат како Ерл Манигалт, растел во екстремно тешки услови и сиромаштија. Најмлад од 9-те деца, Ерл бил земен од Мери Манигалт на возраст од 7 години, откако станало јасно дека неговите вистински родители немале сериозна намера да се грижат за него. Живеел со Мери во куќа малку поголема од обична шупа, без струја, вода и греење. Ситуацијата минимално се подобрила кога се преселиле во Харлем, во надеж дека Мери ќе му овозможи подобри услови за растење во новата средина.

376787_4445261579194_1621425836_n[1]

Но, тешкото детство на Ерл било причина за неговите потешкотии во друштвените вештини, како и постојаното заостанување во училиште. Ерл тешко комуницирал со другите деца и имал проблеми со концентрацијата во школските клупи – проблем што се провлекува низ целиот негов живот. За негова среќа, Ерл нашол издувен вентил за неговата фрустрација, кога во петто одделение почнал да игра кошарка – спорт во кој многу брзо се заљубил.

Низ годините на напорни тренинзи кои вклучувале небројни забивања и безброј шутеви кон обрачот, Ерл станал апсолутно доминантна сила на теренот, а воедно и легенда на Њујорк. Еднаш дури постигнал и 52 поени во еден натпревар (тогашен градски рекорд), а редовно ја воодушевувал публиката со своите забивања преку противници кои биле дури и 15см повисоки од него.

Во неговиот пик, Манигалт бил всушност релативно низок (за кошаркар) – 185 сантиметри, но тоа не му пречело да го изведува неговиот карактеристичен кошаркарски „потпис“ – забивање со доволно долго време во воздухот за да може да ја фати топката додека паѓа низ мрежата и одново да ја забие (нешто како дупло забивање), без притоа да се задржи со рацете на обрачот. Шоуменството одело до таму што можел да изведе и чист скок преку пониските противници.

38268_70faa7ad6b1f8713f26dba81e29e1de9[1]

Неговиот мал раст (за кошаркар), неверојатната брзина и натчовечкиот одраз го формирале во вистинска легенда на улиците на Њујорк, а во неговите тинејџерски години често сте можеле да го видите по уличните игралишта низ градот, играјќи за пари, и се разбира, победувајќи. Како што ќе рече Џабар, „во тоа време немаше многу луѓе што можеа да ги направат нештата што Ерл Манигалт можеше. Тој беше толку агилен, толку брз. Правеше толку иновативни потези под и околу обрачот. Кошарката беше неговото тотално средство за изразување“.

За време на неговата доминација по улиците, Манигалт се сретнал со некои од најголемите имиња во тоа време, вклучувајќи ги Харлем Глобтротер, Кони Хокинс, Ерл „The Peаrl“ Монро, и се разбира, неговиот добар пријател Карим Абдул-Џабар, лично. „Ерл и јас често се среќававме во саботните утра и игравме многу 3-на-3 кошарка во парковите и секаде каде што имаше добар натпревар. Ерл беше повеќе уличен играч, за разлика од мене, па никогаш не доби доволно мејнстрим признание, како што добив јас во средно школо. Но, луѓето што ја познаваа кошарката, знаеја дека Ерл знае да игра“, вели Џабар.

Прекарот „Козата“ датира уште од тинејџерските години на Ерл. Има безброј легенди за тоа како го добил, а многумина сакаат да мислат дека е кратенка за „The (G)reatest (o)f (A)ll (T)imes” (во превод: „Најголемиот на сите времиња“), макар што Манигалт самиот велел дека едноставно потекнува од професорот во училиште што погрешно го изговарал неговото презиме како Манигоат (goat = коза). Вака или така, неговиот прекар останува легенда и предизвикува восхит секогаш кога ќе се спомене на терените во Харлем.

И додека неговите кошаркарски вештини биле недостижни за останатите, неговите академски резултати биле многу лоши. Дури бил избркан од училиште заради пушење марихуана во школското ве-це, и тоа во последната година од школувањето, по што морал да се врати во Каролина каде што го завршил образованието со просек 2.

nycstories[1]

И покрај катастрофалните оценки, колеџите што го посведочиле неговиот огромен талент го преплавиле со скапи понуди за стипендија. Сепак, Манигалт ги одбил, подоцна образложувајќи дека не бил доволно дисциплиниран и храбар за да биде меѓу првите црни играчи што оделе во доминатно „бели“ училишта. Па така, завршил на доминантно „црниот“ Џонсон Ц. Смит универзитет, под капата на тренерот Бил Мекколоу. Тука почнува падот на легендата, предизвикан од постојаните судири и расправии со тренерот, бидејќи Мекколоу сакал Манигалт да игра бавна, внимателна игра – нешто што било во тотална спротивност со неговиот брз, летечки и директно доминантен стил на игра. Судирите кулминирале во еден натпревар во кој Ерл тотално ги игнорирал инструкциите на тренерот и постигнал 27 поени, водејќи го тимот до победата, по што бил казнет од тренерот заради неиграње како што му било наредено. Оттогаш, добива сé помалку време на теренот, а сé повеќе време на клупата. Само неколку месеци по почетокот, Ерл ги напуштил студиите, делумно заради кошаркарската фрустрација и делумно заради тоа што неговата девојка во Њујорк останала трудна.

По напуштањето на училиштето и враќањето во Њујорк, „The Goat“ запливал во лоши води, посветувајќи им се на алкохолот и дрогите (особено хероин), што набрзо станало негов примарен фокус во животот. „Фрустриран сум бидејќи не сум во училиште. Отидов и самостојно се пријавив за помош. Користев хероин, се плеткав со тоа нешто како да немаше утре. Не се фалам. Земав толку многу хероин. 100$, 500$, ако ги имав, ќе ги потрошев на дрога“.

Оттогаш Ерл имал неколку обиди за влез во професионалната кошарка, но безуспешни. Двете паузи во кои служел затворска казна за дрога и крадење за да плати за истата (во 1969-тата и во 1977-та) драстично се одразиле на неговите можности на теренот, па некогаш недопирливиот сега бил лесна мета за играчите кои порано ги доминирал на теренот.

earl-manigault[1]

Во 1971-та, по напуштањето на затворот за прв пат, Манигалт успеал да се одржи далеку од хероинот и се заколнал дека ќе го употреби неговото искуство и популарност за да им помогне на другите со слични проблеми. Во една прилика, дури му пристапил и на еден крупен њујоршки дилер на дрога, барајќи му 10.000 долари за да го исчисти локалниот парк каде што порано Манигалт лично им служел како пример на младите и ги убедувал да се држат настрана од дрогата. Дилерот, како и сите локални жители, имал преголема почит кон Ерл и „едноставно не можел да му рече НЕ на легендарниот The Goat”, па ги одобрил парите, со кои набрзо бил роден „The Goat Tournament“ – натпревар на кој продефилирале и НБА играчи како Марио Ели и Бернард Кинг.

Но, хероинот е познат како дрога со најсилна зависност, па набрзо Манигалт се вратил на стариот пат, што водело кон неговото второ апсење во 1977. По излегувањето од затвор, по втор пат, Манигалт го напуштил Њујорк во обид да се откачи од лошата навика, и тоа засекогаш. Назад во неговиот роден град, заедно со своите два сина, Ерл се обидувал да создаде подобар живот за нив, работејќи секаква работа – косење трвници, бојадисување на куќи и секаква друга физичка работа.

Евентуално се вратил во Њујорк и го рестартирал „The Goat Tournament“, а паралелно стартувал и натпревар насловен како „Walk Away From Drugs“ (во превод: „Одалечи се од дрогата“), со цел да ги оттргне децата што веќе биле навлечени, како и да ги спречи останатите да запливаат во темните води на оваа погубна навика. Патем добил и работа во едно локално прифатилиште како советник за деца.

UNITED STATES - MAY 23: Earl "The Goat" Manigault, 50, at PS 121 school yard on 102nd St. and 2nd Ave. (Photo by Clarence Davis/NY Daily News Archive via Getty Images)

„Козата“ останал во Њујорк сé до неговата смрт во 1998-ма, кога на 53-годишна возраст, по две операции на срцето и одбиен стент заради неговото безнадежно лошо здравје, починал.

За возврат за безусловната почит шти Њујорчани ја имаат и ден денес кон него, Њујорк Тајмс му посвети статија со наслов „Паднатиот крал се враќа во неговото кралство“, во која Манигалт лично го сумира неговиот живот со зборовите: „За секој Мајкл Џордан, има по еден Ерл Манигалт. Не можеме сите да успееме. Некој мора да падне. Јас бев тој“.

- Реклама -