Среќно име на сите оние кои се викаат Благоја, Благуна

СПОДЕЛЕТЕ

Свето Благовештение попознат како Благовец (Благоец, Блошчојне) е христијански празник. Се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април.

На овој ден сите оние кои носат име како Благоја, Благуња, Благуна, Благородна и сл. го празнуваат големиот почитуван христијански празник.

Историја и обичаи

На овој ден Гаврил се јави во архангелска светлина и ѝ рекол на Марија дека е одредена од Бога да го роди Спасителот. Во чест на таа блага вест што ангелот и ја пренесол на Света Дева Марија, црквата го востановила празникот Свето Благовештение, што се празнува точно девет месеци пред Божик. Легендата вели дека еднаш кога покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во книгата на пророк Исаија прочитала дека „Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануел”, возбудено помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот. Во тој момент до неа долетал ангелот Гаврил кој и соопштил дека таа е девојката одредена од Бога што ќе го роди Спасителот: „Радувај се благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените; и ете ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син и ќе го крстиш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече син на Севишниот и ќе му го даде Господ Бог престолот од неговиот татко Давида и ќе царува над домот Јаковов секогаш и царството негово нема да има крај“. Поради тоа, Благовец е благ ден. Тогаш се верува дека и раната не боли. Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот и други. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег. Се верува дека ако наутро гладен како што се вели на гладно срце слушнеш некоја од овие птици ќе те разбие и не ќе имаш напредок во годината. Затоа луѓето веднаш по станувањето каснувале барем еден залак леб. На Благовец саделе тикви зошто верувале дека тиквите садени на овој ден ќе бидат многу благи.

Во Радовишко ако луѓето ја чуеле кукавицата откако нешто ќе каснеле сметале дека тие ја „пребиле“ па три пати ќе и викнеле: „Чух те -пребих те”. Во Дебарца ако некого го разбила кукавицата на Благовец тој и враќал на Ѓурѓовден кога ќе излезел пред сонце над селото и три пати ќе и викнел: „Куку, куку, кукајце, кукајце, ти мене ме разби, сега јас те разбив“…. Во Тетовско на овој ден на девојчињата им се дупнуваат ушите и се ставаат првите обетки. Според верување, со ова се намалува болката, т.е. таа е блага. Кузман Шапкарев забележал дека во Охрид на Благовец саделе тикви зошто верувале дека тиквите садени на овој ден ќе бидат многу благи, додека пак Ефтим Спространов забележал дека во Охрид се сметало за греота ако не касне човек рибино тој ден, макар да излижат некоја коска, ама „да се облажет со рибино“. Во Виница на овој ден традиционално се одржува фестивалот на медот.

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ