Во сабота улица „Македонија“ ќе потоне во мрак еден час

СПОДЕЛЕТЕ

Во сабота од 20:30 до 21: 30 часот, ќе се одбележи светското движење „Час на планетата земја“, кое сугерира да останеме без светлина во тоа време.

Годинава ќе биде исклучено и уличното осветлување на „Улица Македонија“, плоштадот „Македонија“ и плоштадот „Филип Втори“, како и на илуминациите на палатата „Пелистер“, Ристиќевата палата, Камениот мост, Скопската тврдина, мостот „Око“, Мостот на уметноста, Археолошкиот музеј и Музејот на македонската борба за самостојност.

Пораката која е целта на оваа иницијатива е да се намали користењето на енергетските ресурси и да се зачува планетата. Ова планетарно движење е поддржано од организацијата WWF (World Wildlife Fund), и се спроведува во 162 држави во светот и во голем број светски метрополи.

Настанот во земјава го поддржаа Градот Скопје, Здружението за заштита на животната средина „Часот на планетата Земја 60+“, Црвениот крст и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Акцијата е поддржана и од ЕВН, која ќе го исклучи и повторно ќе го вклучи осветлувањето на наведените објекти без надоместување на финансиските трошоци.

Освен Скопје, иницијативата годинава се проширува и во низ целата земја. Имено, во Охрид, во мрак ќе потонат Самуиловите тврдини, црквата „Канео“ и споменикот на свети Кирил и Методиј.

Своја поддршка кон акцијата најавија и градовите Прилеп, Кавадарци, Ресен, Струмица и Битола, а осветлувањето ќе биде исклучено и во резерватот Јасен, цементарницата Усје и салоните на мобилниот оператор ВИП.

- Реклама -