Привилегии на куп на Македонија: 300 денари карта за сите, гага за аеродромци

Големи незадоволства се појавија на интернет, откако раководството на МЗТ Скопје ја потврди одлуката дека на престојниот натпревар против Работнички ќе обезбеди слободен влез за жителите на општина Аеродром. 

Имено, одлуката ќе се однесува и за завршниот напревар од Купот на Македонија, што ќе се случува следниот викенд.

Сооштението на МЗТ во целост

„Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром уште еднаш информира дека влезот за натпреварот против КК Работнички ќе биде бесплатен за сите жители на Општина Аеродром. Сите оние кои не се жители на Општина Аеродром, а се симпатизери на МЗТ Скопје, на натпреварот ќе можат да влезат од страната на навивачката група, каде што од обезбедувањето ќе бидат пропуштени кон другите трибини на СЦ Јане Сандански. Истиот начин на функционирање ќе биде и за натпреварите од Купот на Македонија во кои КК МЗТ Скопје Аеродром ќе учествува. Натпреварот помеѓу КК МЗТ Скопје Аеродром и КК Работнички е закажан за среда 18.02.2015, со почеток од 18.30 часот. Ги повикуваме сите навивачи и симпатизери на клубот, во среда да дојдат барем еден час пред почетокот на мечот со цел да се избегнат непотребни гужви и со себе задолжително да носат документ за лична идентификација“ – стои во соопштението на актуелниот кошаркарски првак на Македонија.

МЗТ Скопје во полуфиналето од Купот на Македонија ќе се сретне со екипата на Кожув, меч што ќе се игра во 17 часот, но за очекување е „металците“ како организатори на завршниот турнир да пуштат во продажба билети за втората полуфинална пресметка меѓу Работнички и Куманово.

Реакции

Навивачката група Фемили Аеродром во текот на вчерашниот ден реагираше на ваквата одлука на управата на МЗТ Скопје барајќи истата да биде променета, но тоа сепак не се случи.

Од друга страна, се множат коментарите исполнети со незадоволства, каде одлуката на МЗТ се коментира како субјективна и нетранспарентна.

„Во пресрет на купот на Македонија последните информации од организаторот се дека картите кои се предвидени за продажба ќе бидат по цена од 300 денари, а за разлика од нив жителите на општина Аеродром ќе бидат привилегирани и ќе можат да навиваат за својот клуб бесплатно. Дали организаторот МЗТ Скопје смета дека ова е правилно ако се има во предвид дека КУПОТ на Македонија е настан во кој подеднакво треба да бидат третирани сите љубители на кошарката. Во досегашната организација на купот на Македонија не е направен ваков преседан. Едно е МЗТ Скопје да ги распределува картите на натпреварите од лигата каде е домаќин како сака, а друго е грубо да се манипулира со правата добиени за организација на КУПОТ на Македонја кој е настан за секој вљубеник на спортот посебно во кошарката. Да не ја коментираме и цената на картите која е превисока за македонскиот стандард“, е еден од коментарите поврзани со ваквата одлука, со кој што се согласија многумина.

 

 

- Реклама -