Четврта победа на Македонија: „Диви“ ги спитоми Австријците

Македонската ракометна репрезентација со триумф ја заврши групната фаза на СП во Катар, славејќи со 36-32 над Австрија за заслужено освојување на второто место во групата Б. „Црвено-жолтите“ не беа на посакуваното ниво во одбраната, но затоа нападот функционираше беспрекорно и го трасираше патот до четвртата победа во Доха. Петар Ангелов, кој влезе во игра во вториот дел и нанижа осум интервенции, беше меѓу најзаслужните за овој триумф, заедно со Кире Лазаров и Миркуловски, кои се лидери на нашиот напад на овој шампионат.

Мечот го почнавме одлично, Ристовски имаше три одбрани во првите четири минути, овозможувајќи рано да поведеме со 3-1. Се разбрани и противничкиот голман Бауер, па во 9. минута Австрија стигна до прво водство од 3-4. Лазаров ја прекина серијата на Австријците, по што Стоилов и Миркуловски беа прецизни за наша низа од 3-0 и водство од 6-4. Позитивата се зголеми и на плус три (10-7), но следеше исклучување на Јоноски по кое ривалот експресно израмни на 10-10.

Манасков и Георгиевски погодија за 12-10, а потоа следеа две промашувања од чисти позиции на Недановски, по што Мојсовски доби исклучување, давајќи им на ривалите нова шанса за камбек во мечот. Австрија се приближи на 12-11, следеше период во кој нашата предност се движеше меѓу еден и два гола, но Австрија подобро ги одигра последните неколку минути, па на одмор се замина со израмнети 16-16.

Обрван на стартот од вториот дел се реши за голманска смена, Ангелов го превзеде местото од Ристовски, но и овој период мина во ефикасна игра на двете страни. Шилаги погоди за водство на Австрија од 18-19, по што следеше брутален старт на Зиура над Миркуловски, за што австрискиот бек заслужено доби директен црвен картон. Предноста од ракометар повеќе одлично ја искористивме, одново добивме на самодоверба во нападот, па со двата гола од пенал на Кире Лазаров во 40. минута од натпреварот поведовме со 23-20.

Австријците загубија нерви и продолжија со грубости, судиите им одговорија со нови исклучувања, а искусниот македонски состав знаеше како да го искористи тоа и преку Стоилов да поведе со 24-20. Ангелов внесе дополнителна самодоверба бранејќи ги ударите на крилата Сантош и Вебер, по што преку Мојсовски стигнавме и до најубедлива предност од 28-22. Австријците направија рокада на голот, шанса доби Мариновиќ, кој одбрани неколку удари на македонските ракометари, но и тоа беше недоволно за противникот целосно да се врати, „црвено-жолтите“ наскоро се консолидираа и рутински го приведоа мечот до крај, за триумф со конечни 36-32.

Кире Лазаров беше најефикасен македонски ракометар со девет гола, пред Миркуловски со шест, Георгиевски и Манасков со четири, додека по три пати во листата на стрелци се запишаа Вугринец, Стоилов и Мојсовски.

Македонските ракометари немаат премногу време за одмор бидејќи веќе в недела ги очекува клучниот меч на овој мундијал, осминафиналната пресметка со Словенија, која може широко да ги отвори вратите кон реализација на зацртаната цел – пласман на предолимписки турнир и битка за билет за ОИ во Рио де Жанеиро.

- Реклама -