Тензична и неизвесна игра: Македонија ја совлада Босна

И третиот меч на мундијалот во Катар заврши со победа откако денеска Mакедонија го совлада тимот на Босна и Херцеговина со резултат од 25 – 22. Иако вообичаените лидери на репрезентацијата не се покажаа во нивното најсјајно издание, сепак, зрелоста на нашиот национален тим остана на ниво, покажувајќи дека умее да владее со ситуацијата дури и кога околностите не одат по посакуваниот тек.

Одличната одбрана и динамичниот старт ја доведе македонија до фантастично водство од 4-0, по што босанскиот селектор Марковиќ беше принуден да земе тајмаут. Со понатамошниот тек на играта Босанците успеаја да постигнат четири голови во низа, со што беше прекината серијата голови на македонските ракометари. До крајот на натпреварот резултатот беше неизвесен и речиси израмнет.

За среќа, во последните неколку минути повторно влеговме во серија на добри игри во одбрана, па по голот на Вугринец во последните три минути се влезе со предност од три гола (24-21). Малиновиќ погоди за БиХ, но на спротивната страна Прибак постигна гол и изнуди исклучување, со што беше ставен крај на дилемите околу победникот, за конечни 25-22.

Кире Лазаров постигна три гола, сите три од пенал, исто колку и Миркуловски и Мојсовски, а најдобар стрелец во нашите редови беше Дејан Манасков со шест, пред Георгиевски со четири погодоци.

Македонската репрезентација утре е слободна, по што во среда ќе следи дуелот со Хрватска, кој ќе решава за првото место во групата.

- Реклама -