Мисла на денот посветена на денот на неговото раѓање

СПОДЕЛЕТЕ

Кочо Рацин или целосно Koста Апостолов Солев Рацин (Велес, 22 декември 1908 – Лопушник, 13 јуни 1943) — македонски книжевен деец и комунистички активист, најпознат по својата поезија. Се смета за еден од основоположниците на современата македонска литература, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Загреб, 1939) претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, философијата и литературната критика.

Како денешна мисла на денот, издвојуваме една од неговите најубави песни.

ДЕНОВИ

Како на вратот гердани
ниски камења студени
така на плешки денови
легнале та натежнале

Денови ли се – денови
аргатски маки големи!

Стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси –

ај, пусти да е, пуст да би
останал живот кучешки!

Роди се човек – роб биди
роди се човек – скот умри,
скотски цел живот работи
за други туѓи имоти.

За туѓи бели дворови
копај си црни гробови!

За себе само ргај си
за себе маки тргај си –
нижи си гедан денови
нижи си алки ковани,

нижи си синџир железен
околу вратот навезен!

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ