Среќна слава! Денеска е Свети Никола

СПОДЕЛЕТЕ

Свети Никола е една од најголемите слави, прифатени меѓу христијанското население во Македонија. За неа се карактеристични посните јадења, трпезата на свеќа и дружењето со најблиските.

Кој бил свети Никола?

Свети Никола (грчки: Άγιος Νικόλαος) или Свети Николај Чудотворец, архиепископ Мирликиски се смета за заштитник на морињата. На христијанските бродови обично се наоѓа иконата на светителот, а спроти денот на славењето бродовите застануваат каде и да се наоѓаат, се фрла сидрото во морето, морнарите ќе се помолат и ќе прославуваат цел ден, а утредента ќе го продолжат пловењето. На иконите Свети Никола се претставува со својата архиерејска одежда.

Свети Никола е роден е во Патара, Ликија, Мала Азија околу 270 година, како единствено дете на неговите родители Теофан и Нина. При неговото крстење го добил името Никола кое во превод значи народен победник. Како дете, со голем восхит пристапувал кон проучувањето на Светото Писмо.

Живот

Неговиот духовен живот го стекнал преку неговиот чичко кој исто така бил црковно лице, замонашувајќи се во манастирот Нов Сион. По смртта на своите родители, Никола го продал целиот свој наследен имот и парите од продажбата ги поделил помеѓу сиромасите. Додека бил свештеник во својот роден крај, се прочул со делата на својата милостиња. Христијаните веруваат дека му се јавил гласот на Господ кој му рекол: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3). Набргу потоа бил избран за архиепископ на градот Мира, денешна Турција.

Во времето на царот Диоклецијан и Максимијан, кога христијанското население било прогонувано, мачено и затварано, истото му се случило и нему. Со доаѓањето на власт на Константин I Велики, престанало и прогонувањето на христијаните кои во исто време добиле и рамноправно место во Римското Царство. Присуствувал на Првиот вселенски собор во Никеја, каде се залагал за воведувањето на светото тројство. Поради голема ревност го удрил александрискиот свештеник Ариј. По ова, тој бил оптужен за ерес, бил прогонет од самиот собор и му било забрането понатамошно присуство на собирите. Според христијанската традиција на Свети Никола му било одобрено повторно присуство на црковните собири, поради јавувањето на Бог на избраните архиери велејќи им дека сториле голема неправда.

Уште додека бил жив, луѓето го сметале за светител и го повикувале на помош од страна на болните, несреќните и немоќните. Христијаните веруваат дека тој помагал на сите повици и дека од неговото лице сјаело светлост. Во својата старост се разболел и починал на 6 декември 343 година.

Свети Никола во Македонија

Црква посветена на Свети Никола во Свети Николе

Во Република Македонија, празникот Свети Никола се слави на 19 декември и на 22 мај како Свети Никола Летни.

Св. Никола е заштитник на градот Прилеп, согласно одлуката на општина Прилеп.

Градот Свети Николе на овој ден го прославува својот градски празник.

Во Бигорски Манастир се чува делче од чесните мошти на Св.Никола.

- Реклама -