Време за бришење? – Фејсбук воведува нови правила за користење

Денес, на своите корисници Фејсбук им испрати известување дека од 1 јануари 2015 год. ќе стапат на сила нови правила.

Се работи за нови услови на користење, како и подобро пласирање на рекламите кои секојдневно ги гледаме. Сите прашања ќе бидат објаснети на интерактивен начин во делот „Privacy Basics“, барем така уверуваат од Фејсбук. Таму на корисниците ќе им биде објаснето што луѓето можат да видат на нивните профили, како можат другите да комуницираат со нив, како и што се ќе се појавува на нивниот „News Feed“.

facebook1

Иако компанијата тврди дека новите измени се единствено со цел да ја направат мрежата подобра за корисниците и да ги исполнат нивните барања и сугестии, факт е дека новите правила директно ќе значат поефикасно сервирање на реклами. Со новата политика, Фејсбук ќе научи уште повеќе нешта за своите корисници и попрецизно ќе им прикажува реклами, врз основа на она што ги интересира додека се на Интернет. Од 1 јануари ќе ги гледаме рекламите на секој од уредите преку кои пристапуваме на мрежата. „Добрата“ вест е дека штом некој оглас ќе го означиме како „непожелен“, тој нема веќе да се појавува. Лошата вест (соопштена меѓу редови) е дека на негово место ќе се појави друг оглас.

Има најави дека социјалниот гигант ќе почне и со тестирање на копчето „Buy“ – со кое корисниците ќе можат да купуваат разни производи без да ја напуштат страната, директно преку Фејсбук.

Од самите почетоци, со самото членство на мрежата, веќе одамна сме и дале дозвола на компанијата да собира голем број информации за нас – нашата локација, име, презиме, датум на раѓање; додека врз основа на тоа што лајкуваме и коментираме, Фејсбук има воопштена слика за тоа какви сме. Но, од почетокот наваму, компанијата неколкукратно ги менува условите за користење, а цената за користење на „бесплатната“ платформа постојано расте. Останува на вас да решите дали границата е премината, или сеуште имате повеќе полза од зијан.

Деталното известување можете да го прочитате ТУКА.

- Реклама -