Какво време не очекува до крајот на работната недела?

Во средината на неделата која е пред нас за жал ќе ставиме крај на серијата на релативно топли ноемвриски денови. Но, тоа не значи дека се очекува „кочан“ студено време. Дневниот максимум на температурата останува „далеку“ над нулата, додека минималната ќе има тренд на вредности околу 0°С. Еве ги деталите:

Вторник ќе помине во претежно облачно време. Појава на слаба котлинска магла и ниска облачност ќе го одбележат претпладнето од овој ден. Попладне постепено ќе потпаѓаме под циклонско влијание кое ќе резултира со дожд во западните и северните делови од земјата. Овие врнежи ќе се интензивираат во текот на ноќта, но не се очекуваат особени количини на дожд. Југоисточниот регион очекува сосема слаб и повремен дожд.

Минималната температура ќе биде во границите од 6°С до 11°С. Максималната пак, ќе има вредности од 13°С на повисоките места до 17°С во јужниот регион.

Среда ќе биде уште потопла од вторник. Минималната температура ќе има вредност од 8°С до 14°С. Дневниот максимум на температурата ќе биде за околу 1°С повисок во однос на вторник и ќе достигне вредност до 18°С во гевгелискиот регион.

Во текот на денот се очекуваат повремени и локални врнежи од дожд, но и кратки повремени сончеви периоди. Ноќта ќе донесе умерен северозападен ветер кој паќ ќе помогне за разведрување на небото.

Четврток е денот кој ќе го донесе заладувањето. Северниот ветер кој ќе значи и доаѓање на значително постуден воздух, ќе го намали максимумот на температурата за околу 5°С.

Утрото ќе биде значително посвежо, со минимална температура која низ котлините ќе има вредност околу 5°С, а на повисоките места околу 2°С. Дневниот максимум на темпратурата ќе има вредност околу 12°С во поголем дел од населените места низ котлините, додека на повисоките места тој ќе има вредност околу 8°С.
Во текот на денот ќе има умерена облачност, но со подолги сончеви периоди.

Убавата страна на заладувањето е што ќе донесе метеоролошки услови кои се поволни за намалување на концентрацијата на загаден воздух.

Во петок продолжува надолниот тренд во однос на температурата. Утрото ќе започне со минимална температура која ќе има вредност околу 3°С низ котлините, а околу -1°С на повисоките места.
Дневниот температурен максимум ќе има вредност од 5°С до 10°С низ поголем дел од населените места. Малку над 10°С се очекуваат во југоисточниот крај.

Наутро во Осоговскиот и Малешевскиот регион е можна појава на слаб снег. Во текот на денот сепак не се очекуваат врнежи низ земјава.

 

Извор: МетеоПро.Mк

- Реклама -