Пакет мерки за намалување на загадувањето

СПОДЕЛЕТЕ

Властите на градот Скопје предлагаат пакет мерки со кои  ќе се решат дел од проблемите со загаденоста на воздухот во македонската метропола. Мерките се од краткотраен и среднорочен период и ако се применуваат согласно стандардите, се очекува да дадат соодветни резултати.

Во овој пакет како што се вели во соопштението од Собранието на град Скопје се построгите инспекторски контроли на загадувачите, сообраќаен режим по принципот пар-непар, бесплатен автобуски превоз (ако 10 дена континуирано се исполнети со над 100 микрограми од честичките ПМ 10), секојдневно чистење и миење на улиците околу градилиштата, подобра велосипедската инфраструктура и стимулирање за употреба на хибридни и електрични возила. Ова се дел од мерките и активности кои градските власти ги планираат за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, а треба да бидат изгласани на наредната седница на Советот на Град Скопје. Со мерките предвидена е и зголемена фреквенција на автобусите на ЈСП на централните градски линии, што значи вклучување на дополнителни 30 автобуси во критични периоди. Во деновите на голема загаденост одредени категории граѓани ќе добиваат и бенефиции кон јавниот превоз. Во овие мерки предложено е возилата за дотур да го користат терминот наутро, најдоцна до 10 часот, а тешките товарни возила да ја употребуваат обиколницата.

Аерозагадувањето ќе се третира и преку редовни контроли на системите за затоплување на административните и јавните установи, а притоа треба да продолжи и спроведувањето на Б-интегрирани дозволи за помалите индустриски загадувачи. Исто така, планирана е изработка на инвентар на стакленички гасови за просторот на Скопскиот плански регион и дополнителни активности произлезени од Студијата за озеленување и пошумување. До 15 ноември осум адаптирани и две надградени возила на ЈП „Комунална хигиена“ ќе распрскуваат смеса од калциум-магнезиум-ацетат на делови од коловозите на улицата „Јордан Мијалков“, булеварот „Св. Климент Охридски“ и „Св. Кирил и Методиј“. Смесата не дозволува ситната прашина да се крева во воздухот, туку се лепи на асфалтот.

Среднорочно-долгите мерки, пак, предвидуваат гасификација на Скопје, иницирање кампањи за користење обновливи извори на енергија, рекултивација на поранешната депонија „Вардариште“, проширување на автоматизираниот систем на управување со сообраќајот, контрола над станиците за технички преглед на возила, воведување обврска за вградување на катализатори во возилата со Еуро 1 и Еуро 2 стандарди…

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ