Кинеска приказна за свекрвата и снаата

СПОДЕЛЕТЕ

Живеел некогаш во Кина трговец на име Ма, образован и со добри манири. Неговата сопруга – Ву, била паметна, убава и вешта домаќинка, но многу моќна и арогантна.

Како што може да се очекува од жена со таков карактер, таа не била во добри односи со својата свекрва. Секој пат кога трговецот се враќал  од патување, жена му и мајка му се жалеле една од друга , без дури да се сослушаат. Тоа го загрижило Ма. Тој знаел дека Ву не ја почитува неговата мајка и сакал да ја промени оваа ситуација. Еден ден тој направил план како да и помогне на жена си да разбере зошто има конфликти со својата свекрва.

 Следниот пат кога Ву почнала да се жали за мајка му, Ма рекол: „Знам дека мајка ми многу зборува, затоа решив  да ја напуштиме оваа куќа и да се одвоиме. Но роднините и пријатели не знаат колку тежок човек е мајка ми. Ако ја напуштиме  така одеднаш, луѓето ќе речат дека  сме жестоки и безмилосни. Затоа ќе треба да ја истрпиме уште месец-два. Ако можеш за тоа време да се однесуваш кон  мајка ми со почит, секој ќе знае колку голема е твојата  побожност и колку неразумна е мојата мајка. Тогаш никој нема да може да не критикува. “.

 Ву не сакала да го прифати предлогот. Ма продолжил: „Ние ќе излеземе од тука наскоро. Во следните неколку недели може едноставно да се однесуваш со мојата мајка како да е таа реномиран гостин. Ќе трае кратко”. Конечно Ву се согласила.

Од овој ден натаму таа станала неверојатно добра и ја почитувала својата свекрва.  Свекрвата ја забележа промената и многу се израдувала. Таа била задоволна и исто така станала многу внимателна и љубезна кон својата снаа. Нивните конфликти се намалиле и нивните односи се подобриле. По неколку дена Ма забележал дека неговата жена не се жали. Тој ја прашал: „Како се однесува со тебе мајка ми во последно време?”

– „Подобро.”, одговорила таа.

Ma додал: „Сега кога таа е подобра со тебе, ти ќе треба да си уште повеќе внимателна со неа, за да им покажеш на сите колку си мила и колку е неразумна мојата мајка. Само тогаш ќе можеме да излеземе од тука лесно. “. Ву кимнала потврдно.

Минале уште неколку дена. Ма пак ја запрашал жената: „Како се однесува со тебе мајка ми?” Ву одговорила:

„Сега мајка се однесува со мене толку добро што јас не сакам веќе да ја напуштам. За мене ќе биде задоволство да останам со неа.”

Оттогаш Ву се разбирала одлично со својата свекрва и семејството било  пример за хармонија во односите меѓу генерациите.

Прочитај повеќе: Поучна приказна: Таткото, тројцата синови и крушата

- Реклама -