Четири „камуфлажи“ кои ќе го сокријат иритантниот подбрадок

Појавата на подбрадок е една од неизбежните последици на стареењето или зголемувањето на телесната тежина. Ви откриваме неколку трикови со чија помош ќе успеете малку да го „камуфлирате“, односно да го направите помалку забележлив со помош на изборот на шминка, фризура и облека.

1. Шминка

Подбрадокот може да се сокрие со бронзер. Одберете бронзер неколку нијанси потемен од пудрата, и со дебела четка нанесете на подрачјето од долниот дел на вилицата, па нежно поминете и низ вратот. Тој ќе направи темна сенка која ќе го стави подбрадокот во втор план.

Потоа, со руменило истакнете ги јаболкниците, а со помош на туш и маскара нагласете ги очите, така што вашата брада воопшто нема да доаѓа до израз.

2. Фризура

Звучи необично, но и фризурата може да придонесе до засенување (или истакнување) на подбрадокот. Избегнувајте фризури во должина на вашата брада, особено рамни. Истиот совет важи и за премногу долгите коси, бидејќи во прв план го ставаат несаканиот подбрадок. Најдобро прилегаат средните должини, кои се протегаат до долната линија на вратот. Доколку не сакате да ја скратите долгата коса, тогаш најдобро е да биде степенесто ишишана, или пак собрана во висок реп кој ќе го затегне вашето лице.

3. Облека и накит

Избегнувајте ролки и блузи закопчани до грло, кои уште повеќе ќе го нагласат вашиот подбрадок. Одлучете се за малку поотворени варијанти.

Истиот, негативен ефект, ќе се постигне и доколку носите ѓердан прилепен околу вашиот врат.

4. Правилно држење

Доколку се движите подгрбавено и со поднаведната глава, подбрадокот и опуштената кожа на вратот доаѓаат со израз. Затоа, држете се исправено, спуштете ги рамењата и гордо подигнете ја главата.

- Реклама -