Ќе се укинува роамингот за Македонија и регионот

СПОДЕЛЕТЕ

 Иницијативата поднесена пред речиси два месеца, се очекува да биде преточена во одлука и да стапи во сила од 1 јануари 2015 година. Станува збор за укинување на роаминг цените меѓу балканските држави.

Како што изјави денеска директорот на Агенцијата за електронски комуникации Роберт Орданоски пред состанокот со своите колеги од регионот, законска можност за реализирање на иницијативата постои, само треба да се најдат соодветните правни решенија.

– Додека чекаме пред Европската комисија за прилагодување на нашите роаминг цени кон европските кои се четири до пет пати повисоки, ние, балканските регулатори, решивме да се договориме, билатерално и мултилатерално, роамингот за нашите корисници да се укине. Tака ќе им овозможиме, патувајќи низ Балканот, максимално да ги користат мобилните телефони, истакна Орданоски.

Иницијативата ќе се спроведе со потпишување меѓудржавни договори кои ќе мора да бидат верифицирани и во парламентите на земјите.

– Постапката во секоја од нив е веќе почната, со иницијативата се запознаени највискоите институции и премиерите. Се очекува епилогот од денешнот состанок, да видиме како тоа правно ќе го изведеме. Верувам дека најдоцна до Нова Година може да се усвои и од 1 јануари 2015-та да нема роаминг, додаде директорот.

Укинувањето на роамингот ќе се однесува на сите услуги на мобилните оператори, зборување, смс, интернет,… Ваквиот тренд во ЕУ е веќе пракса.

- Реклама -