Биди и ти вистински василичар во Вевчани

Денеска започнува традиционалниот карневал во  Вевчани, под мотото „Биди и ти вистински василичар!“. Со маските на оваа манифестација, која е спој на паганството и традицијата, вевчанци симболично ја одбележуваат изминатата година и настаните кои за нив оставиле најголем впечаток, како од политиката, така и од уметноста и културата. Сепак, секоја година, неизбежни се и класичните маски на зет и невеста. Главното дефиле на маски ќе се одржи на 13 јануари, а на 14 јануари со палење на маските ќе биде затворено годинашното издание на манифестацијата.

Ќе има активности за публиката од сите возрасти, од детско василичарко катче за изработка на маски, натпревари во цепење дрва, тркалање буриња, влечење јаже, пет точки односно куќи на гостопримство во кои посетителите ќе можат да вкусат од традиционалните вевчански специјалитети, натпревари во греано вино и ракија, промоција на аудио ЦД, изложба на фотографии, промоција на книга, до музичка програма која ќе се одвива во текот на сите карневалски денови: поп-рок вечер на 12 јануари на која ќе настапат Ѓоко Танески и Куку Леле, а како главни ѕвезди се најавени Ван Гог. За првпат годинава ќе има и дневни акустични свирки во амфитеатарот. Вечерта на македонски ѕвезди е предвидена за 13 јануари, кога на сцената ќе настапат Миле Кузмановски, Сузана Спасовска и Ефто Пупиновски.

По 12 години пауза, ќе бидат обновени Печалбарските денови, во чии рамки ќе се одржи трибина на тема „Во одбрана на македонското име и македонскиот идентитет“, најави уметничкиот директор на карневалот, Мишо Китановски, а новина е и изложбата на карикатури на која ќе биде презентиран избор од дела пристигнати на првиот распишан конкурс. Целта е да се востанови Вевчанска галерија на карикатури. Најдобрите карикатури ќе бидат наградени со златна, сребрена и бронзена маска.

Оваа година ќе биде вратен и стариот обичај – ќе биде избрана најдобра групна маска од страна на акредитираните новинари, која ќе биде наградена со буре црвено вино „Вевчански керв“.

Посетителите кои сакаат да се вклучат, на лице место ќе можат да си набават маски и да бидат дел од василичарското дефиле.

Карневалот се одржува под покровителство на Владата и Министерството за култура, а е потпомогнат од повеќе компании.

- Реклама -