Apple го претстави iPhone 5: 4 инчен дисплеј, 7,6mm, 112 грама, A6 процесор

На специјалниот настан што се одвива во Сан Франциско, Apple го претстави новиот iPhone 5.

Новиот смартфон од Apple, според очекувањата, има 4 инчен ретина дисплеј, iOS 6, дебелина од само 7,6 милиметри и тежина од 112 грама, што го прави најлесниот iPhone до сега. Телефонот во целост е изработен од стакло и алуминиум.

Уредот што го претстави Фил Ширер, горе-долу изгледа идентично на она што го видовме од неофицијалните фотографии и предвидувања во изминатите неколку недели, што значи дека Apple секако не успеа да го задржи најисчекуваниот производ во тајност.

Можеби најважно, овој смартфон, на дисплејот од 4 инчи (10,16 сантиметри) ќе има резолуција од 1136 x 640 пиксели, што значи дека дисплејот од iPhone 4 и iPhone 4S едноставно е издолжен, физички и во смисла на пиксели. Apple најмногу се гордее со тоа што успеале да вметнат и петта колона икони на дисплејот.

Процесорот на iPhone 5 ќе биде A6 SoC на Apple, со што тие тврдат дека ќе се добијат двојно побрзи операции, како и двојно подобра графика.

Новиот iPhone 5 ќе има подобрена камера од 8 мегапиксели, со хибриден IR филтер, со ветување дека ова ќе ги подобри перформансите при сликање во слабо осветлување и до 40% побрзо фотографирање. За да ја достигне конкуренцијата, Apple додава опција за панорамско фотографирање во софтверот, како и можност за правење слики додека снимате видео, со максимална резолуција од 1080p.

За да се намали шумот при разговори, Apple постави 3 микрофони на новиот дизајн на iPhone, на стратешки поставени локации, а исто така, подобрен е дизајнот и на звучникот, за кој вела дека сега е  20 проценти помал од претходниот.

iPhone 5 ќе можете да го купите во стандардните две варијанти – црна и бела боја.

Една од најголемите новини кај новата генерација од iPhone е промената на конекторот. За да се задржи компатабилноста со старите додатоци за iPhone, Apple ќе ви продаде и адаптер.

Кон крајот на септември iPhone 5 ќе започне да се продава во најпривилегираните земји: САД, Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Австралија, Јапонија, Хонг-Конг и Сингапур. Потоа понудата постепено ќе се проширува во други земји, за во декември новиот смартфон да стигне во 100 земји, во понудата на 240 мобилни оператори.

Она што би можело да им создаде потешкотии при апгрејдот на постојните корисници е фактот што со овој телефон Apple воведува нови, нано сим-картички, кои се за 40 проценти помали од досегашните, што значи дека вашиот оператор ќе мора да обезбеди промена на картичката.

- Реклама -