Опасниот бизнис на реконструкција на женскиот химен

Во Германија и Холандија, најголемиот дел од жените кои доброволно се подложуваат на хименопластика се млади муслиманки. Докторите велат дека сведочат сé поголема побарувачка за контроверзната процедура.

„Ги сожалувам овие жени. Тие чувствуваат толку голем притисок од машките членови на нивните семејства, и се плашат дека ќе бидат одбиени, или уште полошо, дека ќе станат жртви на сериозно физичко насилство или дури и убиство“, вели д-р Валтерс (лажно име, за заштита на приватноста на докторката).

И германските естетски хирурзи веќе со години примаат пациентки кои бараат реконструкција на хименот. И кај нив обично се работи за млади муслиманки; невиноста е важен концепт во исламот, а Куранот експлицитно забранува предбрачен секс.

Очигледно, вели Валтерс, таквата операција нема вистинска медицинска потреба. Но семејството очекува да има крв на чаршафите по првата брачна ноќ. Нејзините пациентки претежно се на чекор до свадба, но веќе имале секс. Валтерс памети барем неколку примери во кои младите муслиманки доаѓаат во нејзината ординација заедно со своите дечковци/идни сопрузи. Со други зборови, често не се работи за некаква завера на муслиманките кон своите партнери/семејства, туку за потчинување на младите парови кон очекувањата на поширокото семејство. Валтерс се чуди, на пример, зошто во таквите случаи парот едноставно не си ги боцне прстите со игла (за да пролее крв на чаршафот). Но, вели, од некоја своја причина, често двојките сакаат да ги направат нештата „на правилниот начин“ (како што учи Куранот).

Реконструкцијата на химен (ака. хименопластика) е лесна процедура (во смисла брзо се опоравуваш и те пуштаат од болница најдоцна следниот ден) и се прави за помалку од половина час. Кога е можно, за реконструкцијата се користат преостанатите делови од вистинскиот химен. Ткивото се обновува и расте прилично брзо, па дури може и да има крвни садови кои ќе предизвикаат крварење при секс. Но од друга страна, тоа не е гарантирано. Хименот е тенка мембрана која само делумно го затвара отворот на вагината, а степенот до кој го прави тоа (т.е. колку всушност покрива од отворот) зависи од жена до жена.

Така, има жени кои сé уште имаат непипнати химени дури и откако имаат секс за прв пат, а следствено, има и жени со скинати химени кои никогаш немале секс. Идејата дека пенисот мора да продре низ хименот за да влезе во вагината е погрешна, и е остаток од некои попатријархални гледишта на сексуалниот однос. Не е неопходно хименот да биде скинат за време на секс, и затоа може да нема крв дури и ако жената се подложи на реконструктивна хирургија.

ФОТО: Различните форми на женскиот химен (клик)

Различните форми на женскиот химен.

[collapse]

Според студијата на Pro Familia во 2013 година, речиси половина од жените не крварат при првиот сексуален однос. Организацијата вели дека овој аспект на невиноста е мит што се пренесува од генерација на генерација (и очигледно е пренесен и на следната). Оттаму, докторите кои прават хименопластика се соочуваат со дилема; од една страна, не сакаат да ги подгреваат митовите, ниту пак да соучествуваат во однесување кое оди на штета на жените (како што велат самите). Од друга страна, сметаат дека оваа операција може да ги спаси жените од сериозни последици.

Повеќето пациентки се плашат дека ќе бидат отфрлени од семејствата ако некако се открие нивното сексуално минато, вели Валтерс, што ја мотивира да ги прави овие операции. Ако е за да се заштити жената, вели таа, процедурата е медицински оправдана. За возврат добива благодарност од своите пациентки. Семејствата на пациентките, од друга страна, тешко може да се рече дека се благодарни. Валтерс има нанижано доста закани по животот на своето конто. „Некогаш ќе се јави бесен брат или роднина и сака да знае што се случува. Значи и ние (докторите) самите се изложуваме на опасност“.

Притисокот врз пациентките и докторите е голем, барем ако се суди по тоа што жените контактираат со докторите преку (повеќе од еден) тајни телефонски броеви, или преку некакви други индиректни рути (пријателки, на пример). Според статистиките на Dutch Society of Obstetricians and Gynecologists, 12% од испитаничките (жени кои бараат/побарале хименопластика) рекле дека се плашат од „убиство од чест“, а 6% се обиделе да се самоубијат затоа што не се девици. Важно е и да се напомене дека една од секои три жени вели дека не ја изгубила невиноста со нејзина согласност, туку по пат на силување или секс под закана (не е ова едно исто?).

Истражувачите следеле 82 жени на 2 клиники во Амстердам додека минувале низ процесот на консултација околу процедурата на реконструкција на хименот. Целта на истражувањето била да се воспостават ефикасни насоки дизајнирани да им помогнат на докторите околу процедурата. Сега, на пример, се бара од пациентките и докторите да одржат барем четири средби пред да биде извршена операцијата. Тоа е така затоа што истражувачите утврдија дека повеќе од половина од пациентките немаат солидно познавање на женскиот репродуктивен систем, и дека имаат неточни претпоставки околу хименот, вклучително и идејата дека е мембрана што целосно ја затвора вагината. Исто така, многу од нив се плашат и дека мажот може да почувствува дали жената е девица за време на сексуалниот однос.

Иако докторите имаат разбирање дека на овие млади жени им е потребна помош, не секогаш се согласуваат да ја извршат процедурата. Во многу случаи, решението е многу поедноставно од медицинска процедура, макар што звучи прилично побизарно. На пример, дел од жените се советуваат за време на сексот да ги стегнат вагиналните мускули за да симулираат тесност на вагината. Исто така, во многу случаи добиваат и мало шише со крв за да го истурат на чаршафите. Исто така, се користат и други опции, како на пример предизвикување на крварење со пилули за контрацепција, или инсертирање на мал сад (во вид на пластична кесичка или сл.) со црвена боја во вагината пред сексуалниот однос.

Ама и овие решенија не секогаш работат, вели Валтерс. На некои жени, на пример, им претстојат „тестови по невиност“ извршувани од доктори или членови на семејството во нивните матични земји. Во други случаи, пак, семејствата бараат „сертификат за невиност“.

„Еднаш, среде ноќ, во болница ми дојде цела свадбена поворка. Сватовите сакаа јас да потврдам, преку преглед, дека невестата е девица“, раскажува д-р Мајкл Лукс од болницата во Ерланген, Германија. „Ја поканив жената во ординацијата, ги испратив другите членови од семејството надвор, и малку позборувавме. По пет минути, ја прогласив за девица“. Фактот што доктор всушност не може со сигурност да одреди дали една жена е девица, е ирелевантен, вели Лукс. Во тој момент, вели, неговата работа е да ја заштити девојката од опасност.

За жал, вели Валтерс, на докторите кои ги извршуваат овие операции исто така им треба заштита. Побарувачката е сé поголема, а и стравот и очајот. Медицинските форуми се полни со жени кои бараат помош, било во форма на дискретен хирург или споменатиот сертификат за невиност баран од нивните и семејствата на идните сопрузи. Некогаш докторите ги користат овие форуми за да контактираат со пациентките анонимно. Една од тие на Валтерс, на пример, ја контактирала преку социјална работничка од Сомалија на која Валтерс претходно ѝ имала помогнато. Оваа Сомалијка, конкретно, била жртва на генитално обрежување (генитална мутилација) во својата родна земја. Последниве години, вели Валтерс, има сé повеќе бегалки од африканските земји кои бараат да им биде извршена хименопластика. За овие жени, Валтерс ги врши процедурите бесплатно.

Ама не се сите доктори како Валтерс. Пациентките треба да бидат внимателни за да не завршат со погрешен доктор; од Pro Familia предупредуваат дека приватните хирурзи, најчесто, прифаќаат пациентки исклучиво за профит. Не само што наплаќаат по илјадници евра за операција, туку и воопшто не се обидуваат да ги разубедат пациентките да не ја прават процедурата. А секој медицински потфат носи свои ризици, вели Лукс. Можни се лузни, намалено чувство, или инфекции. Гениталиите имаат повеќе чувствителни нерви од било кој друг дел на телото. А и не постои стандардна процедура за реконструкција на химен (докторите учат на своја рака).

Лукс напомнува дека пациентките треба да се осигураат дека бараат помош од медицински експерт или пластичен хирург со докажано искуство. Тоа не е така едноставно. Терминот „пластичен хирург“ не е заштитен во Германија, па практично секој доктор може да си стави таква табла на вратата, дури и ако нема никакво подобно работно искуство.

Од друга страна, официјалните препораки во Холандија велат пациентките да се советуваат против операцијата, освен ако не е апсолутно неопходна; со други зборови, преку едукација да се убедат жените дека имаат и други опции на располагање.

Broadly

- Реклама -