Со валкани игри до Оскарот

СПОДЕЛЕТЕ

Оскарите не поминуваат без валкани игри, а најчеста форма е влијаењето врз групата на гласачи, поточно врз 6-те илјади членови на жирито кои одлучуваат кој ќе ја добие престижната награда.

Еден познат пример е актерката што плати огласи во кои ги молеше гласачите за Оскар да размислат околу нејзината улога. Друг е кога на еден продуцент му беше забрането присуство на доделувањето, бидејќи водеше кампања против конкурентскиот филм.

Се проценува дека Холивуд троши од 100 до 500 милиона долари на оскаровски кампањи, на годишно ниво. Очекувано, малкумина сакаат јавно да говорат за тоа.

Продуцентот и блогер – Стивен Фалоуз, дојде до анонимни податоци, според кои кампања за успешен најдобар филм чини околу 10 милиони долари, со тоа што најмногу се троши на огласување, медиуми и публицисти. Во оскарската сезона, студијата интензивно плаќаат огласи во кои ги потсетуваат гласачите на своите филмски ѕвезди и филмските заслуги.

Според некои проценки, во овој дел од годината, оглас на насловна страна во познатото списание „Холивуд Рипортер“ чини и до 72.000 долари, а слична цена држи и „Варајети“.

Во 2011-та, актерката Мелиса Лио, фрустрирана од фактот што не се појави во водечките медиуми, сама си плати свои огласи за да ја промовира улогата во филмот „Боксер“. Многумина со гнасење гледаа на таквиот чекор и бесрамната себепромоција, но тоа не ја спречи Лио да ја добие наградата за најдобра актерка во споредна улога.

Себепромоцијата изгледа како детска шега во однос на фактот дека постои одбрана група „советници“, платени за да „уфрлат“ одредени филмови во главите на членовите на Академијата. Овие филмски платеници добиваат и по 10.000-20.000 долари од филм, сума што дупло или трикратно расте ако нивниот клиент биде номиниран или пак ја освои статуетката.

„Тоа се високо платени публицисти кои ги познаваат членовите на академијата, знаат како да дојдат до нив, и што тие сакаат“, објаснува една холивудска репортерка.

Друга тактика е да се повикуваат членовите на академијата да присуствуваат на проекции во Лос Анџелес, Њујорк или Лондон, проекции на кои „случајно“ обично присуствуваат и самите ѕвезди. Се разбира, има и подмитување. Тоа не го нарекуваат така, затоа што давањето мито е забрането, но се покажува дека гласачите добиваат бројни подароци и погодности во периодот пред официјалните номинации.

„Добив книга за готвење и еден куп други работи, сé што не е презерватив“, изјави еден анонимен гласач пред 4 години.

Според службените правила, од 2011 година забрането е директно лобирање по пат на мејл или телефон, а по објавата на номинациите, студијата не смеат да одржуваат проекции со бесплатни пијалоци и кетеринг. Со тоа ја изгубија и омилената тактика.

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ