Јапонците ќе пробаат и да поживеат

СПОДЕЛЕТЕ

За некои од вработените во Јапонија, минатиов петок беше мошне невообичаен. На компаниите и канцелариите им беше наложено да го завршат работното време во 15 часот.

Додека часовниците отчукуваа три попладне, околу 100 вработени во деловниот кварт во Токио отвараа шампањско во име на „Премиум петокот“ – нова иницијатива на градските власти, во насока на подобрување на балансот меѓу работата и останатите аспекти на животот.

„Оваа шема нè охрабрува да одиме да се напиеме по некоја пијачка, или да јадеме, или да се бавиме со спорт со пријателите, или времето да го поминеме со нашите семејства. Мислам дека ќе биде прекрасно ако оваа иницијатива го промени начинот на кој луѓето работат“, вели градоначалникот на Токио – Јурико Коике.

Баровите, рестораните, продавниците и туристичките агенции се надеваат дека одлуката работното време да биде скратено секој последен петок во месецот ќе стимулира и зголемување на потрошувачката.

Во земјата прочуена по долгото работно време, каде често се работи по 12 и повеќе часа во денот, неретко и шест дена во неделата, „Премиум петок“ ќе биде добредојдена промена, „дури и ако е постепена“, вели 46-годишниот канцеларски службеник Аки Коно.

- Реклама -