Научниците се импресионирани од бумбарите

Научниците од лондонскиот универзитет Квин Мери, сметаат дека бумбарите „можат да научат да играат фудбал“. Веќе успејаа да ги „убедат“ да туркаат топка кон голот.

Оваа наизглед тривијална активност е резултат на низа студии на когнитивните способности на овие инсекти, со кои се утврди дека освен некои морски цицачи и птици, и бумбарите имаат способност да користат алати.

„Сакавме да ги истражиме когнитивните лимити на бумбарите, тестирајќи ја нивната способност да користат вештачки предмети за задачи со кои не се соочиле никогаш во еволутивната историја“, вели Клинт Пери – автор на студијата.

За секоја успеша задача, бумбарите се наградувани со храна. Притоа некои учеле набљудувајќи ги другите, некои гледајќи како магнет ја движи топката, додека третата група не добила демонстрација. Не само што третата група успевала да научи од претходниве две, туку наоѓала и начини поефикасно да ги изврши задачите, поправајќи ги грешките на своите претходници.

„Го решаваа проблемот на поинаков начин од покажаниот, што укажува дека бумбарите не се потпираат на копирање на однесувањето на другите, туку и го подобруваат. Тоа покажува импресивна когнитивна флексибилност, особено што станува збор за инсекти“, вели Оли Лукола – коавтор на студијата.

- Реклама -