Лежење во гроб – медитација за разведени

Група кинески жени неодамна стигнаа на насловните страни во кинеските медиуми, откако беа фотографирани како лежат во импровизирани плитки гробови на периферијата на Чонкинг. Излезе дека сето тоа било дел од еден бизарен ритуал наречен „медитација на гробишта“, што наводно им помага да се изборат со разводот.

Идејата ѝ текнала на Лиу Таиџие – 30-годишна разведена жена која сега наводно им помага и на другите како неа да ги надминат нивните брачни неуспеси. Лиу, конкретно, се омажила на 19 години, а на 21 добила и бебе. По разводот во 2015-та, за неа следел тежок период, кој траел повеќе и од година.

„Знам како се чувствува една жена кога е напуштена. Јас размислував за самоубиство“, вели Лиу. „Кога некој е очаен, се чувствува како да е скоро мртов“. И токму тоа е идејата, барем според Лиу: дека лежејќи во гробот, нејзините „студенти“ можат да се обидат да ја искусат смртта. Тоа пак, би требало да ги потсети дека имаат уште многу работи за правење во животот, и дека минатото треба да го остават „кај што му е местото – зад себе“.

Не е јасно колку долго трае „терапијата“, т.е. колку долго треба да лежат жените во гробовите. Но колку и да звучи како само идеја што е наменета да им ги собере парите на очајните, Лиу навистина верува во ова и ветува дека ќе одржува бесплатни „предавања“ на секои неколку месеци.

Ова со Лиу ќе беше само уште еден „чуден“ случај кој можеби и не заслужува внимание, но не е првиот. Симулирање на смртта станува сè почест и попопуларен феномен во азиските земји во последниве неколку години, особено во Јапонија и Кина. Некогаш е со ваква цел – да им се помогне на депресивните луѓе да ги надминат своите проблеми, а некогаш едноставно како атракција во забавен парк.

- Реклама -