Имаме идеја: Попуст за семејствата со воспитани деца во рестораните

Ако го посетите ресторанот на италијанскиот угостител Антонио Ферари во Падова, можно е и да не налетате на бесни и некултурни деца кои трчаат низ ресторанот како да е нивно сопствено игралиште, и ви го реметат мирот и уживањето. Можно е и да не наидете на родители кои пет пари не даваат за однесувањето на своите деца, макар и малите копилиња да ве скубат додека јадете. Ова се горе-доле вообичаени ситуации во рестораните, исто како и во ресторанот на Ферари. Ама има и светли примери.

Бидејќи целосната забрана за деца во ресторан е нефер политика, башка и ти носи помалку муштерии, Ферари се чини, макар и несвесно, го најде оптималното решение за проблемот – попуст од 5% за семејствата чии деца се воспитани за време на престојот.

Имено, на една од масите во неговиот ресторан седела група од 11 луѓе, меѓу кои имало пет деца. Како што опишува Ферари, тие седеле мирно, цртале и боеле, додека нивните родители раат си муабетеле  и пиеле вино. „Ова се случува толку ретко“, пиша Ферари на Фејсбук, заедно со исечок од сметката, на која се гледа попустот од 13.05 евра (на сума од 261 евро), со назнака „за добро воспитани деца“.

„Знам колку е тешко да се биде родител, реагирав инстинктивно. Беше фасцинантно да се гледа нивната интеракција, со толку смиреност. Родителите беа мои години, околу 40, а децата меѓу 4 и 6 години. Не знаев како да им честитам, не ги познавав од порано, прв пат беа во ресторанот, па се одлучив за попуст“, изјави Антонио за еден од италијанските весници.

Е сега, замислете сценарио во кое ова правило важи за сите ресторани. Замислете дека родител што го убедува детето дека ако биде мирно, со парите од попустот ќе му купи играчка (или платена верзија од омилената апликација на смартфонот, шознам како иде тоа денес). Тадааа, имате културна атмосфера во рестораните, имате мирни деца, мирна глава, ангажирани родители. А ако вие сте родителот и вашето дете е од тие случаите во кои ни играчка не помага, ич не го вадете во јавност. Озбилно.

- Реклама -