Колку можеш да заработиш на YouTube?

„Влијателните“ YouTube-ери заработуваат незамисливи суми пари од своите видеа. Секако, најплатените YouTube ѕвезди се милионери.

Дека (многу) се заработува од YouTube, тоа е општо познато. Но многумина се прашуваат „Како?“.

Пред сè, популарниот сајт за прашања и одговори – Quora, истакнува дека не ви плаќа директно YouTube, туку AdSense, сервисот кој всушност се бави со монетизирање на YouTube. Благодарение на овој сервис, можете да ја користите Google платформата за да поставувате содржини и да таргетирате публика, а секако, на крајот сè тоа и да го наплатите. Овој сервис му генерира милијарди долари на Google, а воедно претставува и најнапреден степен на вештачка интелигенција, од аспект на тоа дека е невозможно да го измамите, како и затоа што има сложен начин на генерирање огласи, плаќање на издавачите или креаторите на содржина – користејќи CPM формула.

Одговорот на „Колку можете да заработите од YouTube?“ не е едноставен, бидејќи зависи од низа фактори. CPM значи „cost per mille“ – тоа е цена по една илјада (единици, импресии). Така, ако CPM е 1 долар, тоа значи дека ќе добиете долар за секои илјада прикажувања. А вашиот CPM може да биде 10, ама и 0.1 долари, зависно дали тоа на снимката е видео игра, музика, авторско видео, едукација, комедија… CPM индексот зависи и од други фактори, како подкатегоријата, ама многу важна е и стратегијата на рекламирање (кога и каде се поставени рекламите во видеата).

Друг многу важен аспект е следново: Не сите видеа прикажуваат реклами. Ако поставите реклама на видеото, таа нема да биде видена во ист број како и видеото. AdSense селективно му прикажува реклами на секој еден корисник, а понекогаш воопшто и нема рекламирање. На пример, многу од корисниците имаат инсталирано ад-блокери, кои ги блокираат рекламните содржини уште пред да бидат прикажани. Од друга страна, половина од прегледите на YouTube доаѓаат од мобилните уреди. Најчесто се работи за официјалната апликација на YouTube, на која рекламите не можат да бидат блокирани.

На самиот врв на YouTube е прочуениот PSY, кој во 2013-та со својата песна „Гангам Стајл“ достигна милијарда прегледи, од што заработи 7.9 милиони долари. Неговиот CPM индекс беше одличен – 7.9 долари (на илјада прегледи). Друг пример е DisneyCollectorBR, кој годишно заработува 23.4 милиони долари. Се работи за жени кои играат со играчките на своите деца и притоа им прават рецензии.

Google добива во секој случај, бидејќи AdSense им плаќа 68%, а другите 32% остануваат за него. Во случајот со PSY, кога тој заработи 7.9 милиони долари, Google заработи 3.840.000 долари.

Конкуренцијата на YouTube е огромна. YouTube е многу популарен и сериозен начин на заработка, а на платформата на Google се рекламираат преку милион огласувачи. YouTube има преку милијарди уникатни посети (на 1 човек му се брои само една посета) месечно, и преку 6 милијарди часови прегледана видео содржина.

Ако каналот ви е тазе, т.е. сте го направиле во последните три години, ќе ви биде потешко, заради поголемата конкуренција. Но ако баш сакате да бидете „влијателна“ YouTube ѕвезда, морате од својот канал да направите нешто посебно и да бидете многу оригинални. А тогаш, како што пишува BizLife, повеќе ќе заработувате од спонзорства, промоции и договори со големи компании, отколку преку AdSense и бројот на прегледи.

И се разбира, сето тоа ако Фејсбук не го уништи YouTube, со тоа што ќе го преземе приматот на водечки сервис за видео содржини. Фејсбук дефинитивно ќе проба да го направи тоа, а дали ќе му успее – останува да видиме.

- Реклама -