Кога милионерите заговараат сите да добиваат гарантиран основен приход

Во интервју за телевизискиот канал CNBC, минатиот ноември извршниот директор на Tesla – Илона Маск, го поддржа безусловниот минимален приход како возможно решение за масовната безработица која се очекува да настане во САД како резултат на автоматизацијата на низа професии.

Економските прогнози за следните неколку децении не се баш розеви за американските работници.

Во март минатата година, Барак Обама го предупреди Конгресот за иминентната закана од загуба на работни места, на база на неколку публикувани студии, според кои речиси 50% од работните места можат да бидат заменети од роботи до 2030-та година.

Безусловниот минимален приход е систем со кој сите граѓани на една земја добиваат еднаква сума пари секој месец, сума која ги покрива основните трошоци како храна, кирија и облека, независно од тоа дали лицето работи или не, или било какви други услови. Ако си жив, добиваш некоја основна сума на пари.

Со таков систем, според некои економисти, би можело на луѓето да им се обезбеди финансиска стабилност дури и ако не работат, што би ја елиминирало масовната сиромаштија.

Поддржувачите на безусловниот приход во САД често ги наведуваат намалените трошоци на производство како околност што ќе направи воведувањето на системот да биде поевтино отколку што сите очекуваат.

Непријателите на безусловниот основен приход, пак, тврдат дека системот не само што е нефер, туку и неефективен.

Илон Маск не е од овие вториве, и во понеделникот потврди дека ќе продолжи да го поддржува.

„Сметам дека во крајна сметка секако ќе стигнеме до воведување на безусловен основен приход“, рече тој на World Government Summit-от во Дубаи. „Просто ќе ни се наложи да преминеме на таков систем“.

„Ќе има сè помалку професии кои нема да можат (луѓето) да ги вршат подобро од роботите“, коментира тој. „Сакам јасно да ме разберете – тоа не е нешто што посакувам да се случи – тоа е нешто, за кое сметам, дека е многу веројатно да се случи“.

„Со автоматизацијата доаѓа и изобилството“, додава тој. „Така, сè ќе стане многу евтино“.

Но Маск не е првиот од технолошките тајкуни кои ја поддржуваат оваа социјална идеја како возможно решение за масовната безработица. Меѓу нив се и претседателот на Y Combinator – Сем Олтман, како и коосновачот на Facebook – Крис Хјуз.

Во нивните последни искази на темата, слично како Маск, тие истакнуваат дека автоматизацијата драстично ќе ја подобри благосостојбата на општеството.

Според статијата на активистот за воведување на безусловен основен приход – Скот Сандерс, објавена во Huffington Post, „многу мал број луѓе имаат речиси незамислива финансиска позиција на врвот на елитата, па основниот приход всушност ќе го намали даночниот товар за речиси сите, со исклучок на најбогатите“. А Илон Маск е милионер и претприемач и несомнено е меѓу прилично богатите Американци. Затоа и неговиот став предизвика толку интерес. Можеби е само обид за популизам?, прашуваат некои.

Сепак, и покрај теориите, Маск негува извесен скептицизам по прашањето на ефектот од безусловниот основен приход. Тој повеќе од еднаш има укажано на опасноста по чувството за цел и смисла на животот на луѓето, ако тие имаат помала потреба, или просто не им се наложува да работат.

„Ако нема потреба од вашиот труд, каква е вашата смисла?“, прашува Маск. „Ќе се чувствувате ли бесполезни? Тоа е многу тежок проблем за решавање“.

Во меѓувреме, единствените кои можат да одговорат што се случува кога е воведен безусловниот основен приход, се Финците. Од јануари, во земјата се спроведува експеримент базиран токму на овој систем. Околу 2000 невработени Финци на возраст меѓу 25 и 58 години веќе добиваат приход од 560 евра месечно. Таа сума им се исплаќа независно дали ќе најдат работа, дали ќе почнат бизнис или ќе студираат. Единствениот услов за тие да ја добијат финансиската помош е пред ноември 2016-та да добивале помош за невработени.

Но, според најголемиот работнички синдикат во земјата, резултатите од двегодишната пилот програма веќе покажуваат дека експериментот „не работи, не е економски исплатлив и е сосема излишен“. Освен тоа, ги охрабрува луѓето помалку да работат.

„Ние сметаме дека тоа ја води социјалната политика во погрешна насока“, вели Ика Каукоранта, претседател на централната организација на финските работнички синдикати (SAK), која има близу 1 милион членови.

Идејата за безусловниот минимален (или основен, сеедно) приход датира уште од 60-тите години, и уште оттогаш има многу приврзаници, ама и многу противници. Десноцентристичката влада во Холандија, предводена од поранешниот бизнисмен и милионер Јуха Сипила, е првата што проба сличен систем, иако во ограничен обем.

Финскиот експеримент веројатно е на пат да одговори на прашањето „работат ли таквите системи“, и поважно, на она фундаменталното, поставено од Илон Маск: „Дали основниот приход ја помага продуктивноста или само ја толерира човечката мрза?“.

Иако идејата во суштина е фер, според SAK, системот во пракса може и дополнително да ја намали работната рака. На пример, да ги обесхрабри мајките на мали деца или луѓето во предпензиска возраст да се вратат на пазарот на трудот. Или да ги им олесни отказите на луѓето кои работат тешки или непријатни професии, што може да предизвика криза во низа различни сектори.

Но ова се прашања што веројатно ќе се разгледуваат под услов моделот да не се покаже како прескап за да биде спроведен од било која влада. Што и не би било изненадување, со оглед дека според пресметките, ако во Финска целосно се спроведе моделот за „безусловен основен приход“, буџетниот дефицит на државата би пораснал за цели 5%…

 

- Реклама -