Им пукна филмот: Научниците ќе го замрзнуваат Арктикот

Глобалното загревање доведе до забрзано топење на поларните капи, кое веќе во голема мера ја менува климата на нашата планета, и од ден во ден предизвикува сè порадикални временски состојби (weather patterns).

Но, по сè изгледа, никој освен научниците не дава пет пари. Во такви очајни времиња, потребни се очајни мерки, што ќе рече онаа американската. Со температури кои се и за 20º Целзиусови повисоки од просечните од претходната година, ситуацијата на Арктикот е веќе недвосмислено црна.

Така, научниците сега стигнаа до речиси очајничка идеја за ублажување на ситуацијата. Планираат да го ре-замрзнат Арктикот. Планот е, за да се овозможи Северниот Пол повторно да добие голема ледена површина, да се инсталираат 10 милиони пумпи кои ќе работат на ветер, а притоа ќе ја распрскуваат ледената вода од океанот по ледената обвивка на копното. Ситните капки вода, во допир со студениот воздух и студеното тло веднаш ќе се заледуваат, така надополнувајќи ја ледената обвивка на поларната капа. Планот е да се испумпаат 1.3 метри вода на површината, кои ќе резултираат со мраз подебел за 1 метар, со што ќе се анулира дел од ефектот на брзорастечките температури на планетата. Моментално, голем дел од Арктикот има мраз со просечна годишна дебелина од 1.5 метар, што значи дека тој екстра метар би го здебелил ледениот слој за скоро 70%. „Подебел мраз значи и подолготраен мраз“, вели Стивен Деш од Државниот универзитет на Аризона. „Со тоа, ризикот од исчезнување на целиот мраз од Арктикот во летните периоди ќе биде значително намален“. Или најсликовито речено, со тоа ќе го вратиме Арктикот 17 години назад во времето.

Сепак, 10 милиони пумпи не се мала работа. Арктичкиот океан има површина од 10*7 (10 на седми степен) квадратни километри. 10 милиони пумпи ќе покријат само 10% од таа површина. Притоа, зборуваме за ветерни турбини со перки со дијаметар од 6 метри. Секоја пумпа би била направена од челик, а би тежела по 4 тона. За ова да може да плови, за изработка на пловните платформи би биле потребни уште по толку. Сè на сè, за една пумпа би биле потребни по 10.000 килограми (10 тона) челик, а за 10 милиони пумпи, тоа се 10 милиони тони челик годишно. За инсталација на пумпи низ целиот Арктик потребни би биле 100 милиони тони челик годишно. Колку за репер, САД моментално произведуваат 80 милиони тони годишно, а светот – 1.600 милиони тони. Се проценува дека проектот ќе чини 500 милијарди долари, што подразбира вклучување на повеќе светски влади.

Крајниот ефект, колку и да е добар (со оглед на сегашната ситуација), е далеку од трајно решение. Кога пумпите би се имплементирале во раните 2030-ти (од 2020-та па натаму), додавајќи 1 метар мраз годишно, тоа би го вратило Арктикот на денешно ниво, што иако е очајно, звучи супер во споредба со летата со минимум мраз што се очекуваат до 2030-та.

Затоа, научниците предупредуваат дека употребата на фосилни горива и огромната емисија на стакленички гасови мораат да бидат намалени што побрзо. Само така ќе се добие битката против глобалното загревање, предупредуваат научниците.

Инаку, ова не е прв пат научниците сериозно да ја разгледуваат опцијата на геоинженеринг на Арктикот, како одговор на загревањето предизвикано од човекот. Еден од претходните предлози, на пример, беше вештачко избелување на Арктикот, со прскање на светли аеросолни честици врз површината на мразот, за да ја рефлектираат сончевата радијација назад во вселената (некои веднаш ќе помислат на chemtrails), или да формираат вештачки облаци над регионот, кој би ја спречиле топлината воопшто да стигне до мразот.

- Реклама -