Другата страна на органската храна, за која најчесто се премолчува

Органска, локална, свежа, зелена, „carbon-neutral“… Сè се тоа знаци за една многу профитабилна индустрија.

Ако купувате храна со такви ознаки и притоа мислите дека со тоа му правите добро на своето здравје и на планетата, „размислете подобро“ – предупредуваат експертите од New Scientist. Имено, тие наведуваат неколку аргументи кои ја прикажуваат органската храна во она другото светло, за кое помалку се зборува.

Локално одгледаната храна има помал „карбон футпринт“

Поимот „јаглероден отисок“, попознат по својот англиски/универзален назив „carbon footprint“, е мерка за вкупната количина на стакленички гасови кои ги емитува некој човек, компанија, настан или производ/производство, директно и индиректно. Иако производителите и дистрибутерите на органска храна ја популаризираат идејата дека купувањето на храна од локалните трговци остава помал карбон футпринт, реалноста е дека количината на стакленички гасови кои ги произведуваат стаклените градини, не е ништо подобра од стакленичките гасови кои ги произведуваат авионите кои летаат ширум светот.

Органската храна е поздрава 

Иако постои 30% помала веројатност да е загадена со пестициди отколку неорганската, органската храна сепак содржи хемикалии, потврдуваат американските научници од универзитетот Стенфорд. Заклучоците ги базираат на проучувањето спроведено врз 237 претходни студии. Спротивно на врежаното мислење дека органската храна е поздрава од неоргански одгледаната, научниците тврдат дека за тоа нема докази. Ни овошјето, ни зеленчукот, како ни месото од органско потекло, не е побогато со витамини и хранливи материи од неорганската храна.

Научниците исто така открија и дека органски одгледаната храна содржи повеќе азот, но тврдат дека тоа е најверојатно последица на различното ѓубриво и степенот на зрелост на овошјето и зеленчукот. Освен тоа, органското млеко и пилешко месо наводно содржат повеќе омега-3 масни киселини, но тоа е потврдено само од мал број студии, па не можеме со сигурност да тврдиме дека тоа е поздраво од неорганското, истакнуваат научниците.

„Луѓето би требало да јадат повеќе овошје и зеленчук, без оглед на тоа како е одгледано“, објаснува авторката на истражувањето Кристал Смит-Спанглер. Тој нејзин став, како и целокупното истражување, наиде на низа од критики од страна на американското здружение „Soil“ („почва“), кое промовира органска храна. Тие тврдат дека кај храната од неорганско потекло, особено кај пилешкото месо, постои три пати поголем ризик од бактерии отпорни на антибиотици, отколку кај органски одгледаната храна.

Органските фарми се погодни за биодиверзитет 

Штом ја видат ознаката „органско“, луѓето погрешно претпоставуваат дека се работи за производи без пестициди, а со самото тоа и за нешто здраво. Но реалноста е дека заради недостатокот од хемиско инженерство, отсуството на вообичаените методи на одгледување, како и заради некористењето на пестициди за одбивање на паразитите, во органското производство се потребни големи површини почва за да се оствари доволна количина на производство, како и приход од истото. Заговорниците на органската храна тврдат дека тоа создава поголема биолошка разноликост. Но, на терен сè почесто се случува органското производство да ја загрозува природата. На пример, во тропските краеви големите био-фарми почнаа да задираат и во подрачјето на прашумите, што сè почесто резултира со нивно сечење.

- Реклама -