Како Холанѓаните излегуваат од кола (за да не повредат велосипедисти)

Велосипедистите во урбаните средини се соочуваат со куп опасности. Една од поскриените меѓу нив е таканаречената „dooring“ – т.е. она кога паркиран возач ќе ја отвори вратата токму во моментот додека крај него поминува велосипедист.

Нема многу податоци, па тешко е да се каже колку често се случуваат вакви несреќи. Сепак, според податоците на Grid Chicago од 2011-та година, една од пет велосипедски несреќи во Чикаго била резултат на невнимателно отварање на вратата.

Од лично искуство, претпоставувам дека тие што поминуваат многу време на велосипед по градските улици многу брзо учат да внимаваат на паркираните автомобили. Но заради купот други опасности, тоа „внимавање“ обично се сведува на брзо „скенирање“ на автомобилот, колку за да утврдиш дали има некој во него. Тука е штосот: заради низа фактори (отсјај од стаклото, рефлексија од сонцето), не секогаш можеш да го видиш возачот кој веќе некое време седи во автомобилот (тазе паркиран автомобил избегнуваш по дифолт, нели). Согласно законите на Марфи, баш кога ти нема да го видиш, тој возач ќе ти ја отвори вратата пред носот. Е тогаш (кај Универзална, пред едно 10 години) „најмногу боли“… Поентата е – велосипедистите (најчесто) не заслужуваат да ги потепате со вратата.

Да, како и секој совесен возач, обично погледнуваш зад себе пред да излезеш од автомобил. Но луѓе сме, и вниманието ни го крадат милион детали, па се случува да заборавиш, колку и да ти е навика.

За да ги спречат „dooring“ несреќите, Холанѓаните се потпираат на прилично едноставно решение, кое се карактеризира со повеќе механичко движење на телото, а со тоа и полесно преоѓа во автоматизам. Според The Telegraph, наречено е „The Dutch Reach“: откако ќе паркира, возачот посегнува по рачката на вратата со десната рака наместо со левата, иако левата е поблиску. Ваквиот метод го приморува возачот да го сврти телото и да погледне назад преку рамото, или барем во ретровизорот, и со тоа да забележи ако всушност наидува некој велосипедист. Се разбира, истото важи и за другите патници во автомобилот.

Во Холандија ваквата пракса ја учат уште од деца, што од нивните учители, што од родителите. Методот се учи дури и на часовите по возење. Во поново време се јавуваат „Dutch Reach“ (во буквален превод „Холанѓанско посегнување“) движења и во други земји. Меѓу нив и САД, особено откако една жена заггина во несреќа предизвикана од отварање на вратата.

Патем, еве и „летна“ варијанта: отварање на вратата однадвор. Ако сте навистина посветени, овој метод се препорачува во сите ситуации, па и во зима: да го отворите прозорот, па да ја отворите вратата однадвор.

Додека градовите не ја подобрат велосипедската инфраструктура, велосипедистите постојано ќе бидат приморани да возат во „радиус“ на автомобилските врати. Во меѓувреме, за да спасите живот, доволно е да посегнувате преку рамото.

- Реклама -