Како еден град во Канада се куртули од бездомници

Во последните 5-6 години имаат здомено околу 875 бездомници, од кои околу 250 деца. И не, не зборуваме за привремени засолништа или кревети за преноќување. Зборуваме за перманентно живеалиште. Дом. Куќа. Твоја.

Се работи за Medicine Hat во Алберта, Канада. Официјалната политика на градските власти е следново: Ако во текот на 10 дена установиме дека немаш постојано место за живеење, ќе ти најдеме баш такво. Проектот е наречен „Housing First“, при што и самиот наслов го искажува ставот зад истиот: помошта мора да започне од покрив над главата.

Во едно интервју со Тед Клагстон – градоначалникот на Medicine Hat, тој вели вака:

„Искрено, мислам дека (проектот) е уникатен и иновативен, зашто е контраинтуитивен; но во исто време и не е, затоа што има комплетна смисла.“

Тој истакнува дека порано, ако сакаше да добиеш било каква форма на здомување, привремено сместување, субвенционирано здомување, или само кревет, мораше прво да се откажеш од дрогите, да се откажеш од алкохолот, можеби и да бараш работа…

„Прво мораше да си ги решиш проблемите, па да зборуваме за било каков дом…“

Но сега, со Housing First, работите функционираат обратно. Housing First вели: Прво ќе ти дадеме дом, без оглед кои се твоите проблеми, било да се ментални проблеми или зависности, а дури потоа „ќе ги завиткаме“ сите расположливи сервиси околу тебе за да ти помогнеме и да ти ја пружиме потребната поддршка.

Притоа, проектот препознава дека еден зависник не може да си ги реши проблемите ако спие на клупа во некој парк.

„Прво мораш да имаш кров над глава, некаква сигурност и храна“, вели Клагстон.

Во проектот се инвестирани околу 10 милиони долари, во кои е вклучена изградба на 50 куќи. Две-третини од износот се платени од локална организација за поддршка, а останатата третина од градот.

Ако мислите дека се тоа многу пари, дочитајте, зашто токму економскиот аспект бил клучен за градот да прифати ваков проект. Имено, како што потврдува и Клагстон, само еден третман на бездомник може да чини многу пари (во Канада здравството е бесплатно). Еден вообичаен случај на хипотермија може да ги чини даночните обврзници и до 1.000 долари за интензивна нега, а неколку ноќи престој во болница можат да чинат уште 4.000-5.000 долари. Со Housing First, баш тие 5.000-6.000 долари се заштедуваат и со нив се плаќа добар дел од проектот.

Па, можеме ли да го искорениме бездомништвото?“, го прашуваат Клагстон. Тој одговара со аналогија со рак на белите дробови.

„Едноставно не ги третираш симптомите. Треба да ја третираш причината. Сите знаат дека не лечиш рак на белите дробови давајќи му на болниот сируп против кашлање…

…А еден од симптомите на менталната болест е тоа да го изгубиш домот и да станеш бездомник. Затоа тоа не го лечиш со еднократни инекции. Така не го решаваш проблемот.

Знам дека звучи банално и сентиментално, но верувам дека ние нудиме надеж дека (искоренување на бездомништвото) е остварливо. Никој не веруваше дека човек може да лета, сè додека човекот не полета. Сега сите знаат дека се разбира дека можеш да леташ. А сега ние покажавме: секако дека можеш да искорениш бездомништво. Само треба да веруваш“.

- Реклама -