Ќе ни ја гасат омилената секција на IMDB.com

СПОДЕЛЕТЕ

Не треба да објаснуваме што е IMDB.com, нели? Тие што не знаат, нема ни да ги интересира оваа вест. За добар дел од останатите следи прилично голем шок.

Имено, IMDB и дефинитивно ќе ја гаси својата Message Board – секција која на IMDB функционираше како еден вид форум на кој се дискутираа најчесто сите аспекти на изгледаниот филм. Секој филмски фан знае дека таму човек може да налета на право злато од впечатоци, коментари, мислења и толкувања за одреден филм. Тоа е местото каде што висиш барем пола саат откако ќе изгледаш филм што ќе те остави подзинат, или филм што не знаеш како да го сфатиш. Тоа е местото каде што ќе ги најдеш и најпрецизните препораки за слични филмови на тој што си го изгледал а страшно многу ти се допаднал, колку и да е редок/стар/непознат филмот…

Е па, очигледно, како филмски ентузијасти, не сме коментирале доволно на Message Board-от на IMDB, бидејќи токму малата посетеност е причина за гасењето на оваа секција. Сопствениците на најголемата филмска датабаза на интернет велат дека до големиот пад на посетеноста дошло затоа што „корисниците се префлиле на друштвените мрежи“ – нагласуваат дека на Фејсбук и Твитер имаат десет милиони фанови, т.е. следачи. IMDB, инаку, има околу 250 милиони посетители месечно, кои знаат да „пукаат“ со крајно остри коментари, што и придонесуваат IMDB да важи како остар медиум, „без влакна на тастатурата“.

Како и да е, по првичната вест за гасењето на Message Board-от на 3 февруари, корисниците имаат рок до 19 февруари за евентуално да ги дочитаат коментарите за одреден филм или да ги архивираат своите или туѓите мислења што им се допаднале. Конечното гасење ќе се случи ден подоцна, на 20 февруари.

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ