Сé повеќе луѓе си вградуваат чипови

Москва е еден од петте градови, заедно со Лондон, Хамбург, Бон, и Минхен, во кои почна да се користат чипови во јавниот превоз. Популарноста на поткожните импланти константно расте, а тоа може да го потврди и извршниот директор на компанијата Digiwell, а пред сé познат биохакер –  Патрик Крејмер, кој во една од своите посети на Русија во 2016 година им вгради чипови на 15 Руси.

„Љубопитноста е најчестата причина за вградување чип“, вели тој.

Според статистичките податоци на компаниите што продаваат чипови, во светот моментално има меѓу 30 и 50 илјади луѓе кои живеат со поткожни чипови.

Русите се прилично нови во целата работа. Еден од првите кои тоа го направи уште во 2012 година беше Сергеј Сорокин, системски администратор од Москва. Во 2015-та му се приклучи и инженерот Влад Зајцев. Си вгради NFC чип („комуникација на блиско поле“ – краткодометна безжична технологија што овозможува контакт меѓу уреди на оддалеченост од околу десет сантиметри) за да плаќа превоз.

Повеќето Руси вградуваат чипови што доаѓаат од САД или Кина, а се со големина на зрно. Поткожниот имплант и стерилниот сет за вградување чинат околу 100 долари. Можат да се порачаат преку интернет, а обичен пирсинг мајстор може да го вгради чипот за само неколку секунди. Тоа ви отвара „низа можности“: да отварате врати, да го отклучувате смартфонот, да сурфате на интернет, или меѓусебно да разменувате податоци со допир на рацете. Не ни звучи нешто посебно импресивно.

И производителите и корисниците тврдат дека чиповите се безбедни, со оглед дека се направени од биокомпатибилно стакло и телото не одговара со реакција како при страни тела. По правило се вградуваат меѓу палецот и показалецот, бидејќи тоа место ретко е изложено на физичка активност или повреди, а и нема коски или тетиви.

- Реклама -