Во Британија: Пријави непрописно паркирање – добиј пари

Дап, Британците најдоа нов метод на борба против непрописното паркирање.Станува збор за апликација која им овозможува на луѓето да ги пријавуваат таквите возачи, и со тоа да заработат пари.

Апликацијата е дело на UK Car Park Management (британски „Јавни паркинзи“), и им овозможува на корисниците анонимно да ги фотографираат непрописно паркираните автомобили и регистарските ознаки, и да ги пратат до надлежната компанија, која меѓу другото се грижи и за редот на паркинзите на големите трговски центри или ланците од ресторани за брза храна.

Потоа, на возачот што ќе биде уредно пријавен за непрописно паркирање ќе му биде испратена казна од 60 фунти по пошта. Ако не ја плати во рок од 14 дена, казната ќе биде зголемена а 100 фунти. Кога возачот ќе ја плати казната, 10 фунти му се исплаќаат на тој што го пријавил.

Едни сметаат дека апликацијата е одлично решение, а другите се против.

Британскиот Авто-мото сојуз, на пример, предупредува на опасности од таквиот систем.

„Ова е погрешно, рецепт за катастрофа. Апликацијата ќе направи хаос, а може да доведе и до судир на возачите и лицето кое бара брз начин да заработи 10 фунти“, изјави портпаролот Сајмон Вилијамс.

Несомнено, многумина ќе си го сфатат тоа како работно место и ќе се впуштат во лов на непрописно паркирани автомобили. Притоа несомнено ќе настрадаат и луѓе на кои може да им се прогледа низ прсти – мајка што итно паркира пред аптека за да купи лекови за болното бебе, на пример. Но сепак…

… „Апликацијата не е проблем, туку возачите кои не го почитуваат законот“, вели шефот на UK Car Park Management (CPM) – Џејмс Рендал. Тој објасни дека секоја пријава ќе помине низ строга контрола, и дека праќањето фотографија не значи автоматски и казна за возачот.

Замислете кај нас ваква апликација. Спојуваш сиромаштија и невработеност со нашето „да му умре козата“ и тадааа – за една недела веќе нема непрописно паркирање.

- Реклама -