Уличните забари на Индија и Пакистан

Во Делхи не е невообичаено да застанеш на импровизирана тезга за да ти ги прегледаат забите или да ти стават нови. Не е ни во другите градови во Индија, зашто во Индија врие од улични забари.

Се работи за самопрогласени забари кои извршуваат комплицирани дентални процедури на „пациентите“ кои немаат доволно пари да си дозволат вистински забар. Се разбира, овие улични забари користат безмалку средновековни алати и опрема.

Не треба клиника, нема скапи забарски столици, електрични бушилици, па ни потреба од закажан термин. Пациентите едноставно чекаат пред работното (пластично) столче на „забарот“, и се надеваат дека овој ќе направи да им помине болката, макар инструментите му биле и зарѓани.

Еден од овие забари е и 70-годишниот Суриндер Синг. Тој уште како млад го напуштил училиштето, но го научил забарскиот занат, ако може така да се нарече, од татко му. Во бизнисот е повеќе од 40 години.

Пред неколку декади имал и по 15 пациенти на ден. Денес има 3-4. Заработува околу 25 фунти месечно. Денес го посетуваат само најсиромашните. „Не можат да си ги дозволат овие скапи клиники, но заслужуваат да бидат третирани исто како и другите, па фала богу што имаат луѓе како мене“.

Пациентите плаќаат по 50 рупии за вадење на заб (0.5 фунта), и 150 рупии за нов заб (1.5 фунта). Нов сет заби чини 1.500 рупии, и доаѓа со една година гаранција. За консултација не се наплаќа.

Но се разбира, постои голем ризик. Дупчалките, клештите и другите алатки единствено се стерилизираат (обично) во кофи со белило, а приквечер се работи само на светло од рачна батерија. Вадењето заби се прави без анестезија; единствено по интервенцијата на пациентите им се даваат одредени лекови за ублажување на болката.

Суриндер смета поинаку. „Во третирањето на пациенти пристапуваме со екстра внимателна грижа. Подеднакво сме вешти и обучени како и скапите клиники. Го правам ова 40 години и никој од моите пациенти никогаш се нема пожалено… Ги купувам забите од реномирани компании, така што тие се вистински“.

Во Индија нема официјална забрана за овие попатни „дентални клиники“. Индиската Медицинска Асоцијација, од друга страна, бара таков закон со години. Но, за муштерии како 48-годишниот Сушант Синг, работник, болниците и приватните клиники се прескапи.

„Заработувам по 125 рупии дневно и одвај можам да си дозволам да платам 150 рупии за да поправам заб. Државните болници немаат забари, а денталните приватни клини наплатуваат нереално високи суми. Ако нема улични забари, каде ќе оди сиромашен човек како мене?“, вели Сушант.

Еве отприлика како изгледа една процедура на ставање нови заби:

https://youtu.be/cfBYWglQMio

Патем, многу слична е ситуацијата и во Пакистан.

- Реклама -