Throttle/Brake – епизода 44: Ford GT 2017, разочарување или полн погодок?

Конечно, бидна и тоа чудо. Ги добивме официјалните бројки за перформансите на најмистериозниот Ford. И најбрзиот. Официјално, новиот GT е најбрзиот Ford некогаш направен. Достигнува максимална брзина од 348 километри на час!

Многупати пишував за овој преубав супер автомобил, но секогаш бев краток со официјалниве бројки. Првичните шпекулации или гласини кои доаѓаа токму од Ford, ветуваа многу. Велеа дека GT ќе биде автомобил со најдобар сооднос на сила и маса во однос на конкуренцијата, а сигурен сум дека имаше изјава и за во светски рамки. Исто така велеа и дека поради извонредната аеродинамика автомобилот ќе биде неверојатно брз на тркачките патеки. Но, дали е навистина така?

Па и не баш!? Прво, околу соодносот на сила и маса. 3.5 литарскиот, V6 твин турбо EcoBoost произведува максимални 647 коњски сили и 745 Nm влечна сила, а масата на автомобилот е 1360 килограми. Само за споредба, главниот конкурент McLaren 675LT, има 675 коњски сили и маса од 1230 килограми. Очигледно е дека Ford GT го нема најдобриот сооднос на сила и маса. Без сомнение, автомобилот е брз и се е во знакот на перформансите. Но, една изјава која им оди в прилог на Ford и која ја потврдува брзината на GT, во мене разбуди негодување и негативни реакции. За што станува збор? На патеката Калабоги Парк во Канада, Ford GT со време од 2 минути и 9,8 секунди бил побрз од конкурентите McLaren 675 LT со време од 2 минути и 10,8 секунди и Ferrari 458 Speciale, со време од 2 минути и 12,9 секунди. Да напоменам дека сите три автомобили биле управувани од еден професионален возач и при исти временски услови. Но, само да прашам, колку години е стар моделот на Ferrari, 458 Speciale? Зошто како репер не е земен Ferrari 488 GTB? А што се однесува до McLaren 675LT, и таа фамозна една секунда предност… Јас, искрено не верувам многу во таа нивна приказна. Да речеме дека Ford GT 2017 е за едвај една секунда побрз од McLaren 657LT (2015). Супер! Но наредниот месец ќе биде претставен наследникот на 675LT, McLaren 720S кој е впрочем вистинската конкуренција на Ford GT. Над 700 коњски сили, нови аеро технологии, намалена маса… Мислите ли дека Ford GT ќе биде побрз? Дефинитивно, не! На прав пат? Незнам. Максималната брзина од 348 километри на час, е безмалку територија на хипер автомобилите. Да не ме сфатите погрешно, Ford GT е прекрасен супер спортски автомобил, со неверојатна аеродинамика. Затоа е и толку брз. Единственото промашување кај овој супер автомобил се предвремените нескромни коментари и многу помпа. Точно е дека со GT, Ford сака да ги бутне на колена Ferrari, McLaren, Lamborghini и Porsche. Можеби и ќе успеат. Но да не заборавиме дека сите овие големи имиња произведуваат само супер спортски автомобили, а не Focus и Fiesta. 

Доколку би сакале да го поседувате најбрзиот Ford на сите времиња, треба да сте многу познат на социјалните мрежи и да издвоите 400 илјади евра. Момент на вистината… Ford GT е промашување или полн погодок? Секако дека не е промашување. Ако до вчера ги имавме “Holy Trinity” (Ferrari LaFerrari, McLaren P1 и Porsche 918 Spyder), кои се докажуваа на секое делче од асвалтот, во многу блиска иднина ќе дојде времето на “Светата Петорка”, составена од Ford GT, McLaren 720S, Porsche 911 GT2, Ferrari 488 GTB Speciale и Lamborghini Huracan Performante. 

2017 Shelby Super Snake 50th Anniversary

Додека сум сеуште загреан за Ford, збор-два и за “златната” педесетта годишнина на Ford и Shelby и нивниот легендарен Mustang GT500 од 1967. По тој повод, чест ми е да ви го претставам 2017 Shelby Super Snake 50th Anniversary. Можеби нема никогаш да ја достигне славата и цената на неговиот претходник од далечната 1967 година, но со 750 коњски сили и најдоброто од Shelby и Ford, со сигурност е вреден да го означува златниот љубилеј на најкултниот муслулест автомобил. 

Како и сите други специјални автомобили кои означуваат нешто посебно, така и овој доаѓа со долг лист на ексклузивни карактеристики и детали. Нова доработена шасија од страна на Shelby, внатрешност со многу детали на кои преовладува “кобрата”, и како јаготка на шлаг, опција со која добивате неверојатни 750 коњски сили.

Shelby Super Snake е всушност Mustang GT 2017, со сериозни надворешни и внатрешни надградби и перформанси до максимум. 

Срцето на Shelby Super Snake 50th Anniversary е 5.0 литарскиот “Coyote” V8, кој е засилен со супер полнач (supercharged), и произведува 670 коњски сили. Ова е “стандардната” верзија. Доколку не сте задоволни со овие перформанси, има и “Stage 2” надградба, со која вашиот Mustang ќе има 80 коњски сили плус, односно 750!? Од место до стотка забрзува за 3,5 секунди, а популарните 402 метри ги прелетува за 10,9 секунди. Кај верзијата со шест степен мануелен менувач овие бројки се нешто повисоки. Во однос на конкурентите Dodge Challenger SRT Hellcat и Camaro ZL1, “Змијата” е побрз, подобар за управување но и поскап мускулест автомобил. Во однос на своите помали браќа, Shelby GT350 и GT350 R… Super Snake е трибјут на најкултниот мускулест автомобил. Како таков, се подразбира да има повеќе брутална сила која ќе може да ја користи на прав пат, додека помалите браќа се многу попаметни во свиоците и на тркачките патеки. И поевтини. Цената на “стандардниот” Shelby Super Snake со 670 коњски сили изнесува 70 илјади евра или 36 илјади евра за пакетот Super Snake 50th Anniversary, доколку веќе поседувате Mustang GT 2017. Доколку би требал да одберам помеѓу Shelby Super Snake 50th Anniversary и GT350 R, дефинитивно Shelby GT350 R. Образложение? Бидејќи е вистински спортски автомобил, а не Mustang GT со “Stage 2” пакет.

За крај, како гром од ведро небо, одекна информацијата дека Lamborghini многу поскоро ќе го представи “супер лесниот”, Huracan Performante. Првичните информации велеа дека овој тркачки настроен Huracan, ќе се појави во 2018-та година, но по се изгледа на Lamborghini им се брза. Мислам дека се дополнително мотивирани, слушајќи ги изјавите од конкурентите. Од Ford изјавуваат дека нивниот знаменосец GT, е новиот господар на тркачките патеки. Од Lamborghini пак, окуражени од овие изјави, ветуваат дека Huracan Performante, на патеката Нурбургринг ќе биде побрз од Aventador SV и Porsche 918 Spyder. Се е можно. Новиот автомобил ќе има 640 коњски сили, 40 килограми помалку од “стандардниот” Huracan, и сериозен аеро пакет. Незнам колкумина од Вас се сеќаваат на периодот, кога за првпат се појави Ferrari 458 Italia и буквално го уништи “Големиот” Ferrari Enzo. Како и да е, следат многу интересни настани во автомобилската индустрија.

Видео2: Lamborghini Huracan Performante на Имола. 

Пишува: Брацо Моралиќ
Прочитајте и:  Throttle/Brake #41: Нешто сосема старо-ново од Lamborghini, Aventador S и Huracan Performante
СПОДЕЛЕТЕ