Престојот во вселената им го менува мозокот на астронаутите

СПОДЕЛЕТЕ

MRI снимките од пред и по вселенските мисии, откриваат дека мозоците на астронаутите се шират и собираат во текот на престојот во вселената.

Студијата, која се смета за прва што ги проучува структуралните промени за време на вселенските летови, покажува намалување на волуменот на сива маса во одредени регии од мозокот, додека во некои други делови волуменот на сивата маса се зголемува. Степенот на промена зависел од должината на престојот во вселената.

Истражувањето било спроведено на универзитетот во Мичиген, а анализирани се снимки од 12 астронаути кои минале по две недели во вселената како дел од екипаж на брод, како и снимки од уште 14 други астронаути, кои минале по  шест месеци на Меѓународната вселенска станица. Кај секој од нив имало зголемување или намалување на сивата материја во мозокот, а промените биле позначајни кај астронаутите кои минале подолго време во вселената.

„Најдовме големи области од сива маса со намален волумен, што може да се должи на редистрибуцијата на цереброспинална течност во мозокот додека е во вселената“, вели Рејчел Седлер – професор по кинезиологија и психологија на универзитетот во Мичиген. „Ја нема гравитацијата за да ги повлече течностите надолу во телото, што резултира со таканаречено ‘подуено лице’. Ова може да резултира со промена на позицијата на мозокот, или со негова компресија“.

Научниците исто така откриле зголемување на волуменот на сивата маса во мозочните области кои го контролираат движењето на нозете и ги процесираат сензорните информации кои пристигнуваат од нив. Се смета дека ова е резултат на работата на мозокот во насока на тоа да научи и да се прилагоди на движењето во микрогравитација.

Ова истражување може да помогне во лекувањето на други состојби што го погодуваат мозокот, на пример, за лекување на луѓето кои многу време минуваат во кревет, а боледуваат од хидроцефалус.

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ