„Министерството за вистина” на ЕУ: Единствена цел – да се спречи Путин

Зградата на Европскиот парламент во Брисел.

„Уништувачи на митови”

ЕУ како една од своите најголеми закани ја идентификуваше поплавата од дезинформации чија главна цел е „напад на европските вредности”. Токму поради тоа европските „уништувачи на митови” работат на спречување на лажни вести, за чија дистрибуција упорно ја обвинуваат Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин.

Многу вести кои во последните месеци се појавуваат на порталите во Германија, Полска, Чешка, доаѓаат од руски извори, тврди „ЕУ Обсервер”. Како примери за такви вести овој весник ги наведе приказните за „муслимани кои ја урнале божикната елка во Шведска”, потоа веста дека „Шведска ја забранила прославата на Божик за да не ги навреди муслиманите”, или дека „НАТО подготвува напад на Русија”.

– Тие вести се поврзани со проруски извори кои се финансираат од Кремљ. Тоа е руска пропаганда против која ЕУ се бори со помош на својата Служба за надворешно делување (ЕЕАС) која доби прекар „Уништувачи на митови” – наведе „Обзервер”.

Европските парламентарци не успеаја да се договорат за доделувањето на дополнителните средства од 800.000 евра за финансирање на оваа служба, па парите мораа да дојдат по друг пат, поточно со алокација на средствата внатре во ЕЕАС. Дополнително се вработени нови луѓе чија задача е да бараат лажни вести, да ги демантираат и тоа да го објавуваат на социјалните мрежи.

ЕУ смета дека Русија со поплавата на лажните вести ќе се обиде да влијае на резултатот на изборите во Германија, Франција, Холандија и Чешка, наведе весникот.

– Се обидуваат да нé поделат. Мораме заедно да се бориме против руската пропаганда. Кремљ го портретира Владимир Путин како единствен бранител на традиционалните христијански вредности – тврди поранешната шефица на полската дипломатија Ана Фотига.

„Уништувачите на митови” се основани во 2015 година. Европската унија упатила молба до сите држави членки на испратат свои луѓе и така да го зголемат тимот кој се бори против дезинформации, но на молбата одговориле само Велика Британија, Естонија, Летонија и Данска.

Главна цел – Ангела Меркел

Неодамнешниот пожар на една стара црква во Дортмунд, исто така стана инспирација за лажни вести.

Европската унија смета дека следната основна цел на Кремљ е да ја спречи Ангела Меркел по четврти пат по ред да стане канцеларка на Германија. Меркел многумина ја издвојуваат како „последен либерален политичар во Европа”. Барак Обама, поранешниот претседател на САД во својата последна официјална посета беше токму во Германија, кога канцеларката ја нарече „нов лидер на слободниот свет”.

Од една страна, факт е дека постојат многу мали портали кои шират разни деградирачки и лажни вести. Во некои од нив Ангела Меркел се нарекува „љубителка на муслиманите”, а се шират и дезинформации кои за цел имаат пораст на антагонизмот кон мигрантите.

Една од нив е и таа дека мигрантите ја запалиле најстарата црква во Германија, или дека поради политиката на Меркел земјата од револт ја напуштиле 700.000 Германци. Покрај предизвикување на нетрпеливост кон мигрантите муслимани, рака под рака оди и негативното чувство кон Ангела Меркел, која ги донесе во Германија. Меѓутоа, единствено што недостасува во таа теорија се силни докази дека Кремљ стои зад тие портали.

Извор: „Блиц“, Србија

- Реклама -