(Како) Богатите се подготвуваат за апокалиптични сценарија

СПОДЕЛЕТЕ
„Апокалипсата“ може да дојде и во форма на загаден воздух.

Сè повеќе и повеќе американски богаташи од IT и финансиската сфера, како на пример коосновачот и главен извршителен директор на Reddit – Стив Хофман, сериозно се подготвуваат за сценарија како крајот на светот, пишува германското списание Der Spiegel.

Поконкретно, сè повеќе милионери и милијардери, како што пишува во материјалот, „се плашат од зголемување на тензиите меѓу нив и посиромашните, но особено ги плаши слојот од населението кој може да доведе до востание или до револуција како таа во Русија во 1917 година“.

Наводно, тензиите уште повеќе се зголемуваат откако организацијата Oxfam „налеа масло на огнот“, кога пред економскиот форум во Давос објави истражување според кое, во моментов, 8 од најбогатите луѓе на светот имаат повеќе богатство/ресурси отколку сите останати луѓе на Земјата.

Во продолжение, Der Spiegel наведува неколку примери за тоа како овие богативе се подготвуваат за евентуални слични ситуации.

На пример, Хофман, според неговите лични зборови, поседува неколку мотоцикли – „зашто секој знае, дека во случај на апокалипса, сите патишта ќе бидат блокирани“, како и цел арсенал од оружја, муниција и залихи на храна.

Еден од поранешните менаџери на Facebook, Антонио Гарсија Мартинез, купил, според New Yorker, два хектара земја на остров во северниот дел на Тихиот Океан. Според Мартинез, „греши тој што си мисли дека може да се одбрани од разјарена толпа“.

Згора на тоа, сите тие луѓе наводно разговараат во затворени групи на Фејсбук за различни аспекти од борбата за преживување. Имено, за: гас-маски, бункери или локации каде што можат да се сокријат од климатските промени. Наводно најпретпочитано место за спас е Нов Зеланд, каде Американците кои купуваат имоти бараат нивните идни домови да бидат опремени со заштита од радијација уште пред да ги купат/изградат.

Еден од коосновачите на друштвената мрежа Linkedin – Рејд Хофман, според New Yorker, вели дека во моментов повеќе од половината од IT-милијардерите од Силиконската долина се подготвуваат за залезот на сегашната цивилизација.

Оригиналниот текст на Der Spiegel

- Реклама -