Специјалните писоари на Париз: Олесни се во саксија, не на улица

Во еден од најсмрдливите делови на Париз, зад железничката станица Paris-Gare de Lyon, поставени се два еколошки писоара во комбинација со цветни жардинери и простор за компост. Идејата е да се одвратат жителите и туристите од тоа да уринираат по скриените ќошиња на париските улици.

„Уринирањето по улиците на Париз е градски проблем веќе со децении“, вели Лорен Лебо – еден од творците на писоарите-жардинери, кои се наречени Uritrottoir („тротоар за уринирање“).

Во еколошкиот долен дел на писоарот, урината се „складира“ во мешавина со суви природни материјали: пилевина, слама и иверки, кои подоцна се претвораат во компост. Како што истакнува Лебо, на тој начин се рециклираат два вида отпад (едниот е урината), а воедно се спречува и ширењето на непријатните мириси.

Направени се и поголеми модели од Uritrottoir, кои собираат урина и од повеќе од 600 минувачи (потоа мораат да бидат испразнети). Вакви писоари има поставено и во Нант во Франција – родниот град на Лебо, каде што е и седиштето на неговата компанија („Faltazi“).

„Луѓето се смеат, многумина ги сметаат Uritrottoir за забавни, но повеќето мислат дека се добра идеја“, вели Лебо. „Рециклирачките и апсорбирачките материјали на писоарите гарантираат дека ќе нема никаква смрдеа“.

Еден Uritrottoir чини 3.000 евра.

- Реклама -