Каде исчезна вкусот на патлиџан?

Се сеќавам на едно утро кога веројатно ќе се успиев ако не беше постарата комшика да ми заѕвони на врата во 8:06. Отворив со помислата „која ли е будалава што ѕвони во ова време?“, а таа ми подава три патлиџана и ми намигнува: „Повели да пробате, домашни“. Жената има куќа со бавча во едно село од околината, и стварно, пробавме и ми се врати – вкусот на домати што го познавав како дете, од бавчата на дедо ми.

Денес купувам домати во супермаркет или на пазар, ама и кога не се апла „пластични“, пак го немаат тој познат и очекуван слатко-кисел вкус. Е па, каде е? Како тоа „пробај, домашен е“ стана настан?

Научниците велат дека не е случајно што доматите го изгубија вкусот. Тоа се случува во последните неколку децении, заради масовното одгледување во комерцијални цели. Тоа и практично го докажаа; беше формиран меѓународен тим од експерти, кој проучи скоро 400 вариетети на домати, од современи – па до најстарите сорти.

Од нивното истражување се покажува дека повеќедецениското одгледување на што поголем и што поотпорен патлиџан, довело до губиток на дури 13 хемикалии кои по правило влијаат на неговиот вкус. „Се работи за специфични генетски промени на оваа билка“, истакнуваат научниците.

Експертите наведуваат дека не е сé загубено. Според нив, производителите можат лесно да направат патлиџанот од маркетите да биде одново вкусен. Сé што е потребно е да применат техника на вкрстување на сорти.

Процесот би бил сличен на природното опрашување на растенијата, освен што би се одвивал во лабораторија. Научниците би ги помешале современите со старите сорти на патлиџан, и притоа би ги издвоиле добиените сорти кои се најблизу до вкусот што сакаме да го постигнеме. По неколку генерации, тоа би резултирало со посакуваниот вкусен патлиџан, и тоа без спорното манипулирање со гените што го нарекуваме GMO.

- Реклама -