51-годишна Полјакиња стигна на Јужниот пол, пешки

51-годишната полјакиња Малгорзата Војтачка успеа да стигне до Јужниот пол, пешки, сама и без ничија помош од страна.

Родум од Вроцлав, таа е првата жена од Полска која остварила таков поход, по Французинката Лоранс де ла Ферије, која таквиот светски рекорд го постави во 1997 година.

Војтачка, како и Французинката, поминала 1.300 километри одејќи на скии, влечејќи ја опремата (шатор и храна) на санка. Тргнала од западната страна на Антарктикот, минувајќи по 20 километри дневно, освен кога времето е лошо – со силен ветер кој би ѝ го успорил одењето. Последните 100 километри биле посебно напорни, бидејќи го намалила времето за спиење, а последните километри ги поминала во одење 24 часа без спиење. Каде брзала? Морала да фати превоз – имала договор со еден американски пилот, кој ја предупредил дека нема да може долго да ја чека.

Сé на сé, на крајот, откако стигна на целта, Војтачка заклучи:

„Животот е убав. Вредеше“.

Инаку во слободно време Војтачка се бави со организирање на крстарења по поларните региони, а е и страстна љубителка на спелеологија.

- Реклама -