Стокхолмската Брза Помош ќе им ги гаси радијата на возачите

Не само што ќе ти ја прекине омилената песна, туку стокхолмската Брза Помош и директно ќе ти се обрати преку радиото.

Амбулантните возила во Стокхолм ќе бидат опремени со посебни уреди кои ги блокираат радио апаратите на околните возила, за да можат возачите да ја чујат сирената и навремено да направат пат.

Тим од студенти од Кралскиот институт за технологија (KTH), развија функционален уред кој има способност да „завземе“ широк спектар на фреквенции и испраќа гласовно предупредување преку радио уредите во возилата во близина, како и текстуална RDS порака која се покажува на дисплејот на радиото. Сигналот ја прекинува и врската остварена преку bluetooth технологија, меѓу било каков музички уред и озвучувањето во автомобилот.

„Возачите обично имаат само неколку секунди да изреагираат и да се тргнат од патот на возилото од Брза Помош, додека оптималното време е 10 до 15 секунди“, вели еден од авторите на проектот – Микаел Едберг. Тој вели дека податоците покажуваат дека сé повеќе возачи, заради гласната музика, не реагираат на звучните сигнали на амбулантните возила, а кога веќе ќе ги видат во ретровизорот , реагираат со повисоко ниво на стрес. Се разбира, повеќе стрес – поголеми и шансите за несреќа.

„Сакаме да го привлечеме нивното внимание многу порано отколку сега. Тоа го намалува и стресот, кој дополнително ја загрозува безбедноста. Системот има три функции – ја олеснува работата на итните служби, ја зголемува безбедноста на патот, и ги подобрува условите во сообраќајот за ранливите категории“, вели Едберг.

Во зависност од густината на сообраќајот, системот ќе прилагодува колку далеку ќе ја прати својата порака.

Освен Брзата Помош, во пилот-фазата системот ќе го користат и неколку противпожарни станици во Стокхолм, а ако се покаже успешен, се планира негова имплементација секаде каде што е потребен, на ниво на целата земја.

- Реклама -