Moon Express – првата приватна компанија што ќе слета на Месечината?

Американската компанија Moon Express конечно ги собра потребните финансиски средства за нејзината прва мисија на Месечината. Тоа е првата приватна компанија во светот што доби дозвола од владата (американската) да оди на Месечината.

Moon Express е стартап од Калифорнија и поднесе апликација за лунарна мисија на 8 април 2016 година. Наводно апликацијата била одобрена на 3 август истата година.

„Одобрувањето на мисијата Moon Express 2017 е значајна одлука на американската влада, и поплочувач на патот за комерцијалните мисии вон Земјината орбита на приватниот сектор“, рече Боб Ричардс – коосновач и извршен директор на компанијата.

Moon Express собра вкупно 45 милиони долари, што преку приватни инвестиции, што преку venture-фундови. Меѓу инвеститорите се и Founder Funds – кои исто така имаат инвестирано и во компании како SpaceX, Airbnb и Spotify.

Стартапот собираше финансии во обид да ја освои наградата на Гугл – Google Lunar XPRIZE. Всушност се работи за натпревар во кој наградена ќе биде првата приватна компанија што ќе слета робот на Месечината.

Според Google Lunar, 30-милионскиот Google Lunar XPRIZE е натпревар без преседан, а со намера да ги предизвика и инспирира инженерите, претприемачите и иноваторите од целиот свет – да развијат (колку што е можно) евтини методи на роботско вселенско истражување.

Што е потребно за една компанија да победи на Google Lunar XPRIZE?

За да ја добие наградата, приватно-фундираниот тим треба да биде првиот што: „успешно ќе пласира вселенско летало на површината на Месечината“, кое треба „да патува најмалку 500 метри“ и „да испрати HD видео и фотографии назад до Земјата“. Компанијата-победник ќе добие 30 милиони, а компанијата што ќе биде втора ќе добие 5 милиони долари.

Идните планови

Moon Express ќе го лансира своето MX-1E вселенско летало кон крајот на годината. Планира да ги истражи месечевите ресурси, со надеж дека ќе најде аспекти кои се од корист за животот на Земјата. Во тоа изгледаат прилично уверени; ја нарекуваат Земјата „осмиот континент“, кој содржи „изобилство од ресурси“.

„Во блиска иднина, очекуваме да донесеме скапоцени ресурси, метали и месечеви камења на Земјата“, вели Навин Џаин – коосновач и директор на компанијата.

Moon Express соработува со Rocket Lab USA. Во октомври 2015-та објавија дека потпишале договор за 3 лунарни мисии меѓу 2017-та и 2020-та. Со други зборови, ракетите на Rocket Lab USA ќе бидат тие што ќе го однесат леталото Moon Express’ MX-1E на Месечината.

Moon Express е еден од 13-те конкуренти за Google Lunar XPRIZE. Досега 5 тимови имаат потпишано договор за лансирање на нивните вселенски летала. Тоа се SpaceIL (Израел), Moon Express (САД), Synergy Moon (интернационална), Team Indus (Индија) и Hakuto (Јапонија).

- Реклама -