Во Халштат клавет избацувачи по црквите

СПОДЕЛЕТЕ

Незнаејќи како веќе да се справат со туристите на кои ништо не им е свето, црковните власти во селото Халштат во Австрија одлучија да ангажираат избацувачи во црквите. Нивна работа ќе биде да го одржуваат редот и мирот во текот на црковните служби.

Халштат се наоѓа на листата на УНЕСКО како светско наследство, и масовно е посетувано од туристи од сите делови на светот, најмногу од Кина. Се работи за една од најпопуларните туристички атракции во Австрија, прочуена по Халштатската култура, која е една од првите култури на келтските, пракелтските и предилирските народи од раното железно време.

Проблемот е што некои туристи сакаат да го овековечат секој момент поминат во селото, па неретко упаѓаат и среде црковните богослужби, крштевки, венчавки, па дури и погреби. Ова веќе подолго време ги нервира црковните лица, и нормално, самите жители, бидејќи е неприфатливо туристи да снимаат погреби и ожалостени семејства – нешто што не е реткост во Халштат.

За да се справат со проблемот кој произлегува од наездата на туристи, црквите од селото почнаа да ги заклучуваат вратите пред секоја богослужба, ама и да поставуваат избацувачи на влезот, кои ги одвраќаат несаканите гости од тоа да го пикаат носот кај што не им е местото. Избацувачи, (условно речено) се разбира, има и пред капијата на локалните гробишта.

Во сите други прилики и ситуации, нагласуваат црковните власти, туристите се и повеќе од добредојдени. И добро ако е така, затоа што дефинитивно нема да престанат да доаѓаат во Халштат. Кинезите се до толку заљубени во ова село, што во провинцијата Гвангдонг во Кина постои негова копија.

- Реклама -