Старите фрижидери убиваа деца

Фрижидерите на модерното време имаат магнетски врати. Но сигурно сте сретнале барем еден од оние старите, чии врати се отвараа со квака – ако не во нечиј дом, тогаш во некоја стара шупа или до некој контејнер. Првата мисла за ваквата модернизација веројатно ви е дека оваа промена е резултат на стремежот кон подобра естетика и функционалност. Но таквиот одговор е само делумно точен. Вистинската причина што фрижидерите добија магнетски врати е многу побизарна.

Имено, кога се појавиле првите фрижидери, децата често си играле со нив, ама и во нив. Документирани се огромен број случаи во кои деца влегле и останале заробени во фрижидер, затоа што кваките беа така дизајнирани автоматски да се затвараат, а на внатрешната страна од вратата немаше ништо што едно дете би можело да го искористи за да ја отвори вратата. Во време кога родителите не им се притресуваа како денес и немаше беби-монитори и камери за надзор, најчесто таквите случаи завршуваа со смрт од задушување. Затоа САД – првата земја што почна со широка употреба на фрижидери, во 1956-тата го донесе „Безбедносниот акт за фрижидери“, во кој се наведува дека секој фрижидер мора лесно да се отвара одвнатре. Пред неколку години сличен закон беше донесен и во Калифорнија – забрането е да се фрлаат старите фрижидери, тие со квака, на места каде што би биле лесно достапни за мали деца.

Сеедно, назад во 50-тите. Како решение за непредвидениот проблем, производителите решаваат дека најсоодветна замена за кваката се слабите магнетни ленти, затоа што ем овозможуваат вакуум-затворање на фрижидерот, ем би биле лесни за отварање одвнатре кога би се заглавило некое дете – само со благо туркање. Од друга страна, тестирањето на тоа колку всушност „благо“ е детското туркање, можело да се обави само на еден начин – со затварање на деца во фрижидери (види слика).

На крајот, воведувањето на актот за безбедност на фрижидерите вродило со ефект. Бројот на смртни случаи во инциденти со деца и фрижидери, во периодот од 1960-1981 година, е намален за половина.

Денес фрижидери со квака веројатно можете да најдете само на отпад. Дефинитивно не каде што има деца.

- Реклама -