Кина ќе ги спаси слоновите

Ловокрадците убиваат околу 20.000 слонови годишно, а денес има останато само околу 415.000 слонови. Заради агресивниот бран на лов на слонови, предизвикан пред сé од трговијата со слонова коска, популацијата на слонови во Африка е намалена за повеќе од една третина, и тоа само во последниве седум години – наведува Great Elephant Census. 

Заради таквата неповолна ситуација на слоновите, не е чудно што многу земји „го фаќаат возот“ на забрана на трговијата со слонова коска. Годинава треба да им се приклучи и Кина.

Во Кина, цената на слоновата коска достигнува и до 1.100 долари по килограм. Некои проценки велат дека таму завршува дури 70% од трговијата.

Затоа, ако Кина ја забрани продажбата и производството на продукти од слонова коска, тоа ќе значи огромна позитивна промена во заштитата на овие животни. А земјата веќе најави дека тоа ќе се случи.

Планот е до крајот на 2017-та да се забрани целата трговска размена со овој ресурс. Првите фабрики и продавници ќе треба да ги вратат лиценците до крајот на март. Ваквиот план на Кина е резултат на резолуцијата донесена на Конвенцијата за интернационална трговија со загрозени видови (CITES), одржана во Јужна Африка во октомври 2016-та.

Организацијата за заштита на загрозените видови – World Wildlife Fund, одлуката ја нарече „историска“, сигнализирајќи дека тоа ќе стави крај на најголемиот пазар на слонова коска во светот, и дека ќе биде од огромна помош во интернационалните напори да се спречи ловокрадската криза со слонови во Африка.

Во меѓувреме, некои компании борбата за заштита на загрозените видови ја водат со сите можни средства. Меѓу нив и еден биотек-стартап, кој им ја мати водата на ловокрадците така што го преплавува пазарот со лажни рогови од носорози. Има гласини дека во фаза на изработка е и лажна слонова коска.

- Реклама -