Дејвид Боуви во интервју од 1999-та: Интернетот е вонземјанин на Земјата

Во 1999 година, Дејвид Боуви даваше интервју за БиБиСи. Рече дека ако бил дете од 90-тите, немало да стане поп-ѕвезда, туку најверојатно опседнат со интернет. Зошто? Бидејќи според Боуви, таму се случуваат потенцијално интересните – хаотичните, нихилистичките и вистински бунтовничките нешта, т.е. сé она за што тој трагал во младоста и заради што станал музичар.

Но со оглед на тоа дека е 1999 година, Џереми Паксман – интервјуирачот, не е убеден во таквата визија за интернетот, и во еден момент дури ги нарекува предвидувањата на Боуви „претерани“.

Но Боуви не само што не отстапува, туку му враќа прво со сарказам – преку примерот со скептицизмот што некогаш владеел околу телефонот, а потоа и со:

„Сметам дека уште не сме го виделе ни врвот од сантата. Мислам дека потенцијалот на тоа што интернетот ќе му го направи на нашето општество, и доброто и лошото, е незамислив. Сметам дека сме на прагот на нешто извонредно и во исто време застрашувачко“.

„Но не ли е (интернетот) само алатка?“, прашува новинарот.

„Не, туку е вонземска форма на живот. Тукушто слета овде“, враќа Боуви. Во 1999-та година!!!

- Реклама -