Човекот што доби отказ зашто сакаше да присуствува на раѓањето на своето дете

СПОДЕЛЕТЕ

Ќе почнеме од тоа дека приказнава е со среќен крај. Откако се прошири веста за неговото отпуштање, Ламар Остин доби најмалку три нови понуди за работа. 

Остин работел за една приватна агенција за обезбедување во Њу Хемпшир, задолжена за обезбедување на универзитетскиот кампус и продавниците во неговиот склоп. Во Њу Хемпшир патем важи нешто што се нарекува „at-will employment“, што во принцип значи дека и работодавачот и вработениот имаат право да го прекинат договорот во било кое време и без посебни аргументи, а исклучоците од ова правило се навистина ретки.

Од друга страна, 30-годишниот Ламар – сега татко на четири деца, а поранешен војник (3 години) во американската армија – бил на пробна работа од три месеци, а заради природата на работата, од него се очекувало да биде достапен 24/7. Немал пропуштено ни минута на работа, освен на 28 декември, кога не можел да го менува колегата затоа што со неговата сопруга имале закажано лекарски преглед за бебето што требало да се роди во секој момент. Заради тоа отсуство, Ламар бил преместен да ги одработи 30-ти декември (петок) и потоа и 31-ви (саботата пред Нова година), и тоа целодневна плус ноќна смена. Но во петокот вечерта неговата сопруга добила контракции и завршила во болница, а Ламар, сакајќи да биде со неа, а и да го посведочи раѓањето на своето четврто дете, не отишол на работа. Вториот ден (саботата) го известил шефот дека неговата сопруга уште е во болница со породилни болки, а овој го предупредил дека ако не се појави на работа до 8 часот следниот ден – ќе го „исклучат“.

Болницата Concord во Њу Хемпшир.

Во еден по полноќ, на 1 јануари, заедно со синот Кајнан, Ламар добива порака дека е отпуштен и дека договорот му е прекинат. На пораката враќа со „Ок“.

Во меѓувреме, неговиот син Кајнан е првото бебе родено во Њу Хемпшир во 2017 година. Со оглед на медиумското внимание кое традиционално го добиваат ваквите настани на 1 јануари, јавноста дозна и за работните патешествија на таткото.

И тука блесна интернет. Откако медиумите ја пренесоа веста, неговите сограѓани од Њу Хемпшир отворија GoFundMe акција за собирање финансиска и материјална помош за ова семејство. Нема потреба да споменуваме дека беше и тоа како успешна.

„Тие сега не треба да се грижат околу финансиите. Никој не треба да биде приморан да бира меѓу семејството и работата“, велат сограѓаните на Ламар за Independent.

А како што спомнавме и на почетокот, заедно со паричната и моралната поддршка од заедницата, Ламар доби и неколку нови понуди за работа.

„Понекогаш губиш една ствар, а добиваш друга, многу подобра“, изјави гордиот татко за Concord Monitor.

Во меѓувреме, неговиот поранешен работодавач ги одби сите новинарски барања да го коментира случајот.

 

- Реклама -