Зошто родените по 1983 година се толку несреќна генерација

Родени сте по 1983-та година? Честитки, важите за миленијалец! А сега еден краток прирачник, напишан со љубов и грижа, за сè што не е во ред со вас.

Интервјуто на познатиот мотивациски говорник и автор – Сајмон Синек за една ТВ емисија на MTV Австралија од крајот на октомври 2016-та, стана вистински хит на мрежата во последните неколку дена, благодарение на неговите увиди околу Генерација Y или т.н. миленијалци.

Во видеото тој зборува прилично за сè  – од социјалните медиуми до погрешното воспитување, сé со цел да сумира каде всушност лежат проблемите на младите денес.

„Очигледно е тешко да се работи со миленијалци, често ги обвинуваат дека се премногу нарцистични, разгалени, расеани и мрзливи. Тие до тој степен ги збунуваат своите работодавачи, што овие зачудено ги прашуваат: ‘Што сакате?’, А миленијалците одговараат: ‘Сакаме работата да ни има голема цел, смисла.’ Го обожаваат тоа.

‘Сакаме да оставиме белег’ – што и да значи тоа. ‘Сакаме бесплатна храна и сакаме фотелји полнети со ориз (bean bags)’.

И ете, некој ќе артикулира голема цел, има многу бесплатна храна и има многу bean bags, но од некоја причина тие пак се незадоволни. Тоа е зашто ни фали некое парче во сложувалката”, вели Сајмон.

Во насока на наоѓање на тоа парче, Синек нагласува 4 главни причини за несреќата на генерацијата Y: слабо воспитување, социјални мрежи, нетрпение и средина.

По однос на воспитувањето, тој истакнува дека премногу млади луѓе се пораснати со идејата дека се посебни и можат да постигнат сé што ќе посакаат.

„Некои од нив добиваат високи оценки во училиште не затоа што ги заслужиле, туку затоа што нивните родители се расправале со наставниците, а на наставниците не им се губи време со нервозни родители. 

Преку целото свое образование тие добиваат различни награди и признанија само затоа што учествувале во нешто. А тоа од своја страна ја девалвира наградата и наградувањето за оние кои всушност се потрудиле, а кај тие што не заслужиле предизвикува срам, бидејќи знаат дека реално нештото не го заслужиле. И како последица на тоа, во пракса се чувствуваат уште полошо.”

„Кога ќе се соочат со реалниот живот, веднаш сфаќаат дека не се посебни, а нивните мајки веќе не можат да ги туркаат напред некако магично“, продолжува Синек.

„Не добиваат никаква утешна награда за тоа што задоцниле на работа и сфаќаат дека не можеш да имаш нешто само затоа што го сакаш.

Во еден момент целата нивна идеја за самите себе доживува колапс. И практично имаме една генерација со многу пониска самопроценка од претходните.“

Нашата зависност од технологијата пак, Синек ја споредува со алкохолизмот, истакнувајќи дека задоволството од лајковите и „чет“-муабетите всушност лежи во зголемувањето на нивото на допамин во организмот – истата супстанца што прави да се чувствуваме добро и при употреба на алкохол, дрога, брза храна или коцкање.

Тој објаснува дека благодарение на платформите како Фејсбук и Инстаграм, младите луѓе се навикнати да го „филтрираат“ својот живот и да ја претстават само својата најубава и најдoбра страна пред светот, а која не одговара на реалноста и вистинскиот живот кој го живеат. Затоа, кога всушност треба да се соочат со вистинскиот живот, тие се страшно фрустрирани и разочарани од тоа што не можат да и шлакнат еден убав филтер на кариерата, така како што го прават тоа со селфињата на Инстаграм.

Синек потсетува и дека технологијата „порасна“ една цела генерација со потреба од моментално задоволување на секоја една желба и каприц. Затоа миленијалците неретко се наоѓаат во ситуација да се на една работна позиција само неколку месеци, а веќе да се прашуваат зошто не оставиле белег во кариерата.

„Премногу од децата не знаат како да формираат длабоки, значајни односи со другите… Тие се забавуваат со своите пријатели, но знаат дека истите веднаш ќе ги откачат ако нешто подобро им налета на патот“.

Има недостаток од вистински и здрави врски, продолжува Синек, бидејќи младите од оваа генерација никогаш не успеале да го развијат потребниот сет на вештини за да изградат такви; и уште полошо – не знаат како да се справат со стресот. Според него, тоа влијае дури и на сексот:

„Сакате да фатите нов дечко/девојка? Дури не е потребно ни да размислувате како да го привлечете објектот на својот интерес, ниту како да пристапите кон него за да го заслужите неговото внимание. Беспотребно ви е да влегувате во непријатна ситуација да се објаснувате и да се возбудувате околу тоа дали ќе се изразите правилно… Само се логирате на Tinder, лизгате еден палец десно и ете: нова љубов!

Можете да имате сé што ќе побарате во истиот момент, сé освен задоволство од работата и длабочина во односите. За овие двете уште нема измислено апликации. Тие се прашање на еден побавен, на моменти непријатен и збунувачки процес“, вели Синек.

И што е решението на ова прашање? Синек повикува младите да намалат со употребата на смартфоните и да погледнат малку подолгорочно и трезвено на животот.

„Не држете го телефонот во рака за време на средбите, постојано кревајќи го и наведнувајќи го погледот. Полнете го во дневна соба, а не до главата каде што спиете ноќе. Ангажирајте се околу луѓето кои се наоѓаат физички околу вас, не си четувајте со ‘пријатели’ додека сте опкружени со други“.

Алтернативата (продолжувањето со ваквиот сегашен тренд) – е прилично мрачна.

„Во најдобар случај имаме една генерација што расте и го живее својот живот без некогаш да разбере што значи радост. Тие никогаш нема да го откријат вистинското задоволство во работата или на личен план“. 

На крајот, сепак, вината не е во миленијалците.

„Тие се обвинуваат себе си, но проблемот не е во нив. Проблемот е во комплетниот недостаток од лидери и авторитети во денешниот свет, кој потоа ги тера да се чувствуваат така“ – категоричен е Синек.

- Реклама -